На 10 декември 2025 година, во просториите на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија се одржа традиционалното читање на наградените раскази и есеи од Литературниот конкурс распишан од Библиотеката по повод Месецот на книгата 2025. Конкурсот беше наменет за учениците од основните и средните училишта во општина Гевгелија, со цел да се промовира творештвото меѓу младите и да се поттикне љубовта кон книгата.
Во категоријата расказ, комисијата во состав од проф. Славица Маркова, проф. Бисерка Макревска, проф. Жаклина Атанасова и проф. Тања Чугунцалиева ја оцени најдобрата литература. Прва награда освои Бојана Костиќ за расказот „Третиот глас“, под менторство на проф. Емилија Старделова од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија. Втора награда ја доби Сандра Камчева за „Срцето што тивко лае“, ментор проф. м-р Мери Олумчева, исто така од ООУ „Крсте Мисирков“. Трета награда добија две ученички: Александра Велкова за „Сонцето и Месечината“ (ментор проф. Зорица Митреска, ООУ „Владо Кантарџиев“) и Мила Миовска за „Пирамида на пријателството“ (ментор проф. Жаклина Линкова, ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци).
Во категоријата есеј, прво место освои Елена Анчева со есејот „Правата на жените- остварени или не?“, под менторство на проф. Жаклина Атанасова. Втора награда освои Валентина Стојанова за „Тежината на молкот- кога молчењето кажува повеќе од зборовите“, чиј ментор, исто така, е Жаклина Атанасова, а третата награда ѝ припадна на Марија Ризова за „Јазикот на срцето“, со ментор проф. Славица Маркова. Сите се ученици во СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија. Комисијата ја сочинуваа проф. Жаклина Линкова, м-р по психолошки науки, проф. Мери Олумчева и проф. Маја Танова.
По читањето на наградените творби, директорот на Библиотеката, г. Стефан Марковски, додели дипломи на учениците и благодарници на менторите и членовите на комисиите кои го оценуваа литературниот труд.Со оваа активност, ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија ја зацврсти својата улога како центар на литературните настани во општината, охрабрувајќи ги сите ученици да продолжат да се изразуваат преку пишаниот збор.
Настанот е дел од програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ и е поддржан од Општина Гевгелија, која низ различни активности ги афирмира уметноста и културното наследство во градот.






















