ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија доби фотоволтична централа со моќност од 31.05 kw, донација од компанијата „Окта“. Со посета на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов и извршниот директор на „Окта“ во Македонија, Димитриос Паскос, во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, беше означено пуштањето во употреба на фотоволтаичната централа и одбележана соработката помеѓу јавниот и приватниот сектор.
– Одржлива иднина за идните поколенија е наша заедничка цел, а најголем придонес кон нејзиното остварување се инвестициите во зелена енергија. Веруваме дека со оваа донација оставаме позитивен пример за целата заедницата, бидејќи придобивките се повеќекратни. Покрај постигнувањето на значителни заштеди на трошоците за електрична енергија на градинката, овој проект истовремено ќе овозможи запознавање на децата од најрана возраст со принципите на одржливост и одговорност за животната средина. Нашата компанија останува посветена кон имплементација на проекти кои ќе придонесат кон забрзување на енергетската транзиција на земјата- истакна Димитриос Пасхос, главниот извршен директор на ОКТА.
Градоначалникот Сарамандов изрази благодарност до компанијата „Окта“ за донацијата и вклучувањето на Општина Гевгелија во нивната иницијатива за подобрување на условите во неколкуте јавни установи преку инсталација на фотоволтаични централи. Бидејќи, како што рече: „Изминатите години, сме сведоци дека енергијата станува се поскап енергенс. Од таа причина употребата на обновливата енергија е од витално значење за енергетска стабилност и независност на институциите. Tоа ќе ни овозможи чиста животна средина и развој на други проекти што ќе обезбедат поголема одржливост, за што од клучно значење е соработката помеѓу приватниот и јавниот сектор“.
Инсталираната моќност на фотоволтаичната централа во Гевгелија изнесува 31.05 kW, а се предвидува годишното производство на обновлива енергија да изнесува и до 39 MWh. Новата централа ќе овозможи значаен дел од потребите за електрична енергија на градинката да се обезбедат од обновливи извори, придонесувајќи за намалување на CO₂ емисиите за приближно 18.4 тони годишно.