Пуштен е во употреба реконструираниот патен правец Понов мост – Богданци, во должина од 4,8 километри, кој претставува важна врска меѓу општините Гевгелија и Богданци и дел од регионалниот пат Р1109. На свеченото отворање, покрај бројните жители од двете општини, присуствуваа претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски; вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски; директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, како и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
– Покрај сите проекти коишто прилично амбициозно и успешно ги работи Министерството за транспорт и ЈПДП, можам да напоменам дека, во моментот, со завршување на вториот Повик за аплицирање на проекти финансирани од државниот буџет, заедно со оние од првиот повик, имаме околу 1.200 градилишта нешто што никогаш досега не се случило во независна Македонија. Ако ги додадеме и сите останати проекти што ги реализираат Владата и јавните претпријатија, бројката се искачува на 1.500 активни точки низ целата држава- истакна премиерот Мицкоски.
Министерот Николоски го потенцираше значењето на патот за целиот регион:
„Ова е пат кој ги поврзува Гевгелија, Богданци, Валандово, Дојран- целиот југоисток. Воспоставува подобра комуникација и е од суштинско значење за бизнисите, земјоделците, студентите и сите граѓани кои секојдневно се движат низ регионот.“
Градоначалникот Сарамандов додаде:
„Како Градоначалник на Гевгелија, континуирано се залагав пред надлежните институции за што побрза реализација на оваа сообраќајна артерија, која има долгорочно значење не само за локалниот, туку и за регионалниот развој.“
Проектот претставува инвестиција од 358.302.953 денари (околу 5 милиони евра), обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта. Рехабилитацијата вклучува целосна санација на коловозот- отстранување на стариот асфалт и подлоги, поставување на нова постелка, тампон и два слоја асфалт.
Реконструиран е и мостот на влезот во Богданци, со целосно зајакнување на конструкцијата и нова хидроизолација. Покрај патот се изградени бетонски и земјени одводни канали, со што се обезбедува трајност и стабилност на инфраструктурата.
Овој проект е дел од пошироките заложби на Владата за унапредување на патната мрежа, подобрување на безбедноста и забрзан економски развој на регионите.




































