Во рамки на програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ и свеченото одбележување на Општинскиот празник- 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, на 6 ноември 2025 година, на сцената на Народниот театар- Гевгелија беше изведена комедијата „Разбуди се Тина“ на НУ Театар- Куманово. Публиката во голем број ја исполни салата, а вечерта беше исполнета со смеење, аплаузи и топла енергија, каква што може да создаде само добриот театар.
Претставата донесе на сцена една секојдневна, препознатлива приказна- за љубовта, довербата и искушенијата, човечката слабост и навика што ги носи животот. Со хумор, динамика и емотивни моменти, актерите ја раскажаа судбината на еден наизглед совршен брак кој влегува во криза од обична игра, а потоа полека се претвора во лавиринт од недоразбирања и комични ситуации. Приказната на духовит начин потсетува дека „На лагата ѝ се кратки нозете“, но и дека една непромислена фантазија може да го разниша целиот живот, семејството и довербата меѓу луѓето. Под режисерската палка на Драгана Таневска, сценографија на Крсто Бојовски и костимогтафија на Дарко Илиевски, претставата се носи вистинска театарска лекција за животот низ брз ритам, одличен дијалог и фасцинантна актерска игра. Улогите ги играа: Жарко Јовановиќ, Никица Јанковски, Владанка Крстевски, Мишо Димитријевски, Александра Михајловска Величковски, Сања Русеска, Владо Дојчиноски и Анастасија Трајковиќ, кои со својата харизма и сценска природност ја донесоа вистинската топлина и животност на ликовите.
Претставата ја потврди уметничката зрелост на Кумановскиот театар, кој преку современ хумор и блиски животни ситуации им нуди на гледачите забава со смисла и порака. Публиката реагираше со бурни аплаузи и стоечки овации, наградувајќи ги актерите за нивната искрена и разиграна игра. Со ова гостување, гевгелиската театарска сцена уште еднаш потврди дека останува место каде публиката сака и знае да ужива во уметноста.
Настанот се реализираше во духот на одбележувањето на Општинскиот празник- 7 Ноември, како и во рамки на програмата „Гевгелија град на култура за 2025 година“, со што уште еднаш се покажа дека културата е жив и обединувачки дел од градот- вистината, искреноста и смеата секогаш се најдобрата формула за добар живот, секако, и за добра претстава.






































