И годинава, во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD 2), се реализираа проекти на граѓански организации од општина Гевгелија. Изминатите 9 месеци, здруженијата на граѓани „Од станица до граница“, „Поддршка“, Спа и велнес асоцијацијата на Македонија (SWAM) и Фондација „Аполонија“ реализираа многубројни проектни активности во различни области.
Имено, „Од станица до граница“- Гевгелија преку својот Проект: „Јас = медиум“, работеше со ученици и образовниот кадар од училиштата во Гевгелија на темата: „Медиумска писменост“. Низ работилници за новинарство, продукција на кратки филмови, психодрама, посета на национални медиуми, конкурс за фотографија и видеа како медиум и форум-театар „И сега, што правиме“, се едуцираа целните групи за доведување до реални сознанија во употребувањето интернет и добивањето веродостојни информации од различни извори, а најчесто преку социјалните мрежи.
Проектот: „Еднакви права за сите“ на Здружението на граѓани „Поддршка“- Гевгелија го обработуваше родово-базираното, семејното насилство и дискриминацијата со цел подигање на јавната свест, препознавање и соодветен одговор и третман воопшто на насилството како превенција во општина Гевгелија. За таа цел, беа одржани едукативни и интерактивни работилници со стручни лица во повеќе рурални населени места, со сите возрасни групи население, претставници на надлежните институции и граѓански организации. Како и ликовен и литературен конкурс, театарска претстава „Сите сме еднакви“ (Не за булингот, семејното насилство и дискриминацијата) и дистрибуција на брошура.
Преку Проектот: „Доживување на втора младост во трета доба“, Фондацијата „Аполонија“- Гевгелија ги опфати старите лица со отворени денови за информирање и дебатирање за правата од социјалната и здравствената заштита на старите лица, за што беше изработена брошура, работилници за ментално здравје, здрава исхрана, физичко здравје, дигитална писменост и панел-дискусии со совети од стари за млади. Како и анимирање на старите лица преку работилници за градинарство и хуманитарна акција.
Додека, СВАМ од Гевгелија преку Проектот: „Акција за здрави млади“ работеше со младите и нивните родители, со цел да се подобри патолошката состојба и здравје на учениците од основното образование (лошо држење на телото, слаб развој, лоша исхрана, деформитет на ‘рбетниот столб и градниот кош и деформитет на стапалото) и иницирање за спроведување активности од институциите за подобрување на здравјето на учениците. За што, беше издадена брошура со превентивни вежби за ‘рбетниот столб и стапалата, снимени показни вежби и организирани медицински масажи, вежби во базен и активности во природа.
Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан (ReLOaD 2) е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Четирите проекта се кофинансирани од Општина Гевгелија.