Може ли една „Распеана чаршија“ да не започне со дефиле низ гевгелиските улици и без изведба на двете химни „Трба, трби гевгелиско“ и „Гевгелија, цветна градина“?! Традиционалната манифестација на староградски песни и музика којашто ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, ја организира по повод Спасовден, вчера, се одржа под ведрото небо, во дворот на манастирот „Св. Спас“.
Амбасадорите на староградската песна и музика, културно-уметнички друштва и ансамбли од Гевгелија, Валандово, Струмица и Штип: „Распеани гевгеличани“, Пејачката група на Здружението на пензионери „Сава Михајлов“, „Распеани валандовчани“, „Распеани струмичани“, „Распеани штипјани“ и вокалната група „Ѓердан“, во предвечерието на гевгелискиот панаѓур успешно се претставија со нивниот репертоар.
Манифестацијата ја отвори директорот на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, Мирјана Крстева Массетти, изразувајќи го своето задоволство што токму во предвечерието на Спасовден, „Распеана чаршија“ се одржува во манастирскиот двор, поздравувајќи ги присутните и сите учесници. Обраќање имаше и протоерејот-ставрофор при Гевгелиското Архиерејско намесништво, Љупче Миланов, кој истакна дека македонската песна е една од најубавите молитви за радување и славење на животот, што е доказ за опстојување на македонскиот народ низ вековните искушенија.