Општина Гевгелија ја реализираше втората по ред масовна акција за пошумување „Да пуштиме корени во Гевгелија“, при што, денес, на „Милош Брдо“ во Негорци беа засадени 14.000 нови садници чемпрес.
Акцијата се организираше во соработка со Јавното претпријатие „Комуналец“, Шумско стопанство „Кожув“ и ОО Црвен крст- Гевгелија, а со активното учество на голем број граѓани, претставници на локалната самоуправа, институции и граѓански организации на подрачјето на општина Гевгелија уште еднаш се покажа заедничката посветеност и определба кон зачувување и обновување на природата
.Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, ја истакна важноста на акцијата и упати искрена благодарност до сите учесници:
– Втората масовна акција за пошумување е наша заедничка инвестиција во почиста, позелена и поубава животна средина.Искрено им благодарам на сите граѓани, здруженија, институции и организации што се приклучија. Заедно придонесовме за успешно спроведување на акцијата и продолжување на оваа значајна традиција.
Последиците од долгите суши и големите пожари во изминатите години значително го намалија дрвниот фонд, што дополнително ја поттикна локалната самоуправа да вложи засилени напори во неговата обнова.
Минатата година, преку истата еко-иницијатива, на „Топлик“ беа засадени над 5.000 садници, од кои повеќе од 80% успешно се прифатија- резултат кој ја потврдува ефективноста и важноста на овој процес.
Градоначалникот Сарамандов додаде:- Како градоначалник, ме радува тоа што оваа иницијатива прераснува во традиција, која ја гради свеста за значењето на зеленилото и заедничката грижа за нашата Гевгелија.
Со денешната акција, Општина Гевгелија продолжува да работи на создавање позелена, поздрава и поодржлива околина за сегашните и идните генерации.
















































































