Пред почетокот на новата учебна година, во ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија се изведуваат градежни работи за реновирање на санитарните јазли. Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со директорот на Училиштето, Ѓорги Стамков, извршија увид во воведните работи. Реконструкцијата опфаќа замена на дотраените инсталации за водовод и канализација во санитарните јазли, како и замена на целата санитарна опрема, поставување нови керамички плочки на подовите, и ѕидовите и нови врати во тоалетите.
Исто така, на приземјето во Училиштето, се гради и еден нов тоалет за ученици- лица со попреченост, со што, по неговата изградба, ќе се обезбедат услови за инклузија и непречено извршување на хигиенските и физиолошки потреби на сите ученици. Градоначалникот Сарамандов истакна дека овој зафат се реализира со сопствени средства на ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, како резултат на домаќинско менаџирање.
Градежни работи се изведуваат и во ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија. Станува збор за адаптација на просторија за изведување настава, со цел обезбедување на просторните капацитети потребни за спроведување на воспитно-образовниот процес.
– Нашата заложба е унапредување на условите во сите образовни институции и има за цел подигнување на квалитетот во образовниот процес во нашиот град- истакна Сарамандов во својата објава за изведување на градежните работи во двете гевгелиски основи училишта.