Завршната приредба на ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија, „Стара гевгелиска чаршија“, којашто се одржа на 22 мај 2025 година, во Народниот театар- Гевгелија, беше вистинско културно освежување и патување низ времето со враќање во духот на минатото. Преку драматизација и кореографски изведби, дечињата од возрасните групи на Детската градинка успеаја да го прикажат секојдневието, традицијата и обичаите на Гевгелија во периодот помеѓу двете Светски војни. Облечени во автентични костими, со народни носии и реквизити карактеристични за тоа време, дечињата, кои се збогуваа со градинката и нивните педагози, ја претставија некогашната чаршија и го донесоа во сегашноста животот на семејствата, маалото, занаетчиите, продавачите и музикантите.
Беа доловени и важни општествени моменти- која била улогата на поединци од членови на семејството и како изгледале свадбите. За успешното рестроспектирање придонесе и богатата сценографија. Сцената, за којашто беа задолжени Розета Картова и Тони Аврамов, беше претворена во минијатурна верзија на тогашната градска улица, со импровизирани дуќани, стари производи и алати. Позадината беше украсена со фотографии и илустрации од стара Гевгелија, што дополнително ја зајакна визуелната димензија на претставата. Режијата беше на вработените во ЈОУДГ „Детска радост“- Гевгелија.
Настанот беше дел од програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“ и проследен од голем број родители и роднини на дечињата. Помеѓу присутните беа и претставници на локалната самоуправа и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. Со поздравен говор се обрати и директорката на ЈОУДГ „Детска радост“, Митра Митревска, која им се заблагодари на сите вработени, воспитувачи, родители и ангажирани лица за нивниот труд, посветеност и љубов во реализацијата на приредбата. Посебна благодарност упати и до Општина Гевгелија за континуираната поддршка и соработка, а на дечињата им посака успешен премин во прво одделение, охрабрувајќи ги да го негуваат знаењето, културата и љубовта кон своите корени.



















