Вечерта, на 24 декември 2025 година, Големата сала на Народниот театар во Гевгелија се исполни со љубопитна публика, која со внимание ја проследи премиерата на филмската реконструкција „Сведоштва“. Настанот, дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, собра: љубители на културата, локални истражувачи, културни работници, како и млади кои сакаат да ја запознаат традицијата и културното наследство на својот крај.
Пред почетокот на проекцијата, присутните беа поздравени од Силвестер Проле, магистер по етнокореологија, вработен во ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и автор на филмот. Тој зборуваше за значењето на русалискиот обред во селата Петрово и Миравци и ја истакна целта на филмот- да ја зачува културната меморија и да остане трајно сведочење за русалиите меѓу помладите генерации. Проле нагласи дека „Сведоштва“ е синкретизам на различни извори, од архивски материјали, теренски истражувања, до живи сведоштва.
Меѓу говорниците во филмот беа вистински носители на традицијата, кои го пренесуваа своето искуство, сеќавања и лично доживување од учеството во обредот. Живите сведоштва на Јован Митров и Ѓорги Костадинов од Петрово внесоа посебна длабочина, додека Анастас Стојанов од Кованец, кој учествувал како статист во филмот за русалиите од 1976 година, ја поврза историската снимка со современата реконструкција.
Филмот детализирано ја прикажуваше подготовката на русалиите: како се облекувале, од кои елементи се состоела нивната облека, како ги подготвувале своите реквизити и што означувале тие. Во него беа прикажани и делови од неколку ора што русалиите ги играле (вкупно 30 традиционални ора), секое со свој ритам, чекор и значење, кои претставуваат различни аспекти на обредот и колективната заштита на заедницата. Присутните внимателно ги следеа сцените, забележувајќи како обредните движења се поврзуваат со заедништвото и солидарноста на заедницата.
Мисијата на русалиите, како што беше нагласено во филмот, не беше само обредна, тие преку своето учество обезбедувале здравје и бериќет, ја зајакнувале заедничката поврзаност и ја покажувале одговорноста на поединецот кон целата заедница. Обредот бил составен дел од духовниот, социјалниот и материјалниот живот на селата, а неговите елементи- од чекорите до изградбата на мостови, чешми, цркви и училишта- сведочат за длабоката социјална и хумана димензија.
Сценската и визуелна изведба ја дополнуваа уметниците од Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија и ФА „Мегдан“- Богданци, кои со својата точност и посветеност создадоа чувство дека обредот повторно оживува на сцената. Камерата и монтажата на Васко Трајков ја нагласија автентичноста на секој кадар, додека нарацијата на Силвестер Проле ја водеше публиката низ меморијата на минатото.
По завршувањето на проекцијата, присутните со аплаузи и коментари го изразија својот восхит за деталите, истражувачкиот пристап и начинот на кој филмот успеал да ги оживее старите традиции. Филмот во продукција на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и премиерниот настан ја потврди улогата на Гевгелија како град кој ја чува и афирмира културната меморија, а „Сведоштва“ ја истакна важноста на филмската реконструкција како трајно сведочење на русалискиот обред за идните генерации.




















