Со свечена програма, обраќања на официјалните претставници и впечатлив концерт на Камерниот оркестар „Ајга“ со вокалните солисти Ана и Игор Дурловски, Општина Гевгелија, на 21 декември 2025 година, го заокружи Проектот од национален интерес, манифестација „Гевгелија град на културата за 2025 година“, кој го потврди статусот на градот како вистинска културна престолнина.
На свеченото затворање присуствуваа: министерот за култура и туризам, Зоран Љутков; градоначалникот на oпштина Гевгелија, Андон Сарамандов; членови на Советот на Општина Гевгелија; пратеници во Републичкиот парламент; културни и јавни личности, како и бројни граѓани и љубители на уметноста.
Во своето обраќање, градоначалникот на Општина Гевгелија, Андон Сарамандов, истакна дека успехот на манифестацијата е резултат на долгорочна посветеност и заедничка работа.
– Општина Гевгелија, во изминатите четири години, се профилираше како општина со многубројни уметнички случувања кои го збогатија животот на граѓаните и ја потврдија Гевгелија како центар на културата. Како признание за постигнатото на културен план во четирите последни години, Министерството за култура и туризам ни ја даде довербата, Гевгелија да биде „Град на културата“ во 2025 година. Изминатите девет месеци беа исполнети со несебична креативност, талент и целосна посветеност на сите кои ја градат културната сцена. Одржани се повеќе од 160 настани во сите области. Благодарност до претставниците на општинската администрација, културните институции, културните друштва од општина Гевгелија, на здруженијата на граѓани и на сите културни работници за нивниот несебичен придонес. Заеднички, преку професионален пристап на организација, покажавме дека Гевгелија го заслужува епитетот „град на културата“- потенцираше градоначалникот Сарамандов.
Продолжувајќи, во својот говор, Градоначалникот ја истакна важноста на културата како темел на идентитетот и развојот на Гевгелија. Тој потенцираше дека градот ќе продолжи да инвестира во уметноста и креативноста, обезбедувајќи вредности за идните генерации.
– Благодарност до министерот за култура и туризам, г-дин Зоран Љутков, и до Министерството за култура и туризам за укажаната доверба, која претставуваше поттик и обврска да покажеме дека културниот потенцијал на Гевгелија заслужува уште поголемо афирмирање. Докажавме дека нашата заедница е посветена на развојот и афирмацијата на културата. Гевгелија отсекогаш била синоним за култура, идеи и уметност. Нашата заложба е Гевгелија да биде уште поатрактивна дестинација за културните работници од Република Македонија и пошироко. Културата е темелот врз кој се гради идентитетот и духот на еден град. Продолжуваме и понатаму да инвестираме во културата и да ја поддржуваме креативноста. Наша обврска е да градиме вредности за генерациите после нас- заврши Сарамандов.
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во своето обраќање ја истакна успешната реализација на проектот и фактот дека програмата значително ги надминала планираните активности.
– Вечерва, на свеченото затворање на манифестацијата „Гевгелија- град на културата 2025“, ја заокружуваме годината исполнета со културни настани, уметнички изрази и силна креативна енергија, во која Гевгелија беше активна сцена и вистински домаќин на културата. Од предвидените 142, реализирани се над 160 настани. Честитки до градоначалникот на општина Гевгелија, господин Андон Сарамандов, како и до сите институции, уметници и граѓани кои ја направија оваа година незаборавна. Како што спектакуларно започна со концертот на Националниот џез оркестар, така и достојно се затвора, со концерт на Камерниот оркестар „Ајга“, заедно со маестралните Ана и Игор Дурловски. Гевгелија и понатаму зрачи со култура, со гостопримливост и со дух што ја прави гордост на Македонија. Напред кон нови културни победи- порача министерот Љутков.
По свечените обраќања, сцената ја зазеде Камерниот оркестар „Ајга“, кој под диригентската палка на Ана Спасовска, со аранжмани на Сони Петровски, понуди вистинско музичко патување низ македонското народно творештво. Вокални солисти беа Ана и Игор Дурловски, чијашто маестрална интерпретација го направи концертот незаборавен.
Репертоарот започна со „Си заљубив едно моме“ и „Ленка Пингова“, продолжи со „Што да правам, што да чинам“ и енергичната „Пајдушко“, а потоа следуваа „Нели ти реков, моме Донке“ и „Ој, ти, момче охриѓанче“. По секоја изведба следеа долготрајни аплаузи од публиката, кои ја исполнуваа салата со восхит и емоции.
Посебно внимание привлече изведбата на „Невеста жито требеше“, каде аудиото со рецитација на Владо Јовановски на стиховите „Умилкување“ од Петре М. Андреевски ја подигна атмосферата и ја остави публиката без здив, со долготрајни овации.
Во вториот дел беа изведени „Дејгиди луди млади години“ и „Излегу да се, мамо, рашета“, повторно следени со долготрајни аплаузи. Концертната вечер кулминираше со втор интерлудиум, по кој следеа емоционалните изведби на „Кажи, Анѓо“, „Стојне, бре, Стојне“ и завршната „Назад, назад, Калино моме“. Публиката, неуморна и воодушевена, ги врати уметниците на бис, а долготрајните овации ја крунисаа незаборавната вечер.
Со ова свечено затворање, Гевгелија симболично ја круниса годината како град кој пулсира со култура, уметност и креативност, оставајќи силна порака дека културната сцена ќе продолжи да ја дефинира иднината на градот. Концертот на „Ајга“ со Ана и Игор Дурловски беше уште една потврда дека Гевгелија е град на културата каде се вреднуваат и се пречекуваат највисоките уметнички достигнувања.
Имено, со реализацијата на Проектот од национален интерес, манифестација „Град на култура за 2025 година“, Гевгелија ја оживеа културната сцена со настапи на врвни национални институции- Националниот оркестар за џез музика, Националната филхармонија и камерните оркестри „Стрингендо“, „Пијано трио“ и „Консонанс“, како и со поставки на дела од колекцијата на Националната галерија. Исто така, публиката ги следеше актуелните претстави од реномираните македонски театри: „Антон Панов“ од Струмица, „Јордан Хаџи Константинов- Џинот“ од Велес, „Војдан Чернодрински“ од Прилеп, Драмскиот театар од Скопје, Театарот „Куманово“ и Театарот за деца и младинци.
Градот беше домаќин на плејада од културни работници од националната и локалната сцена, и квалитетни и разновидни културни содржини- од музички концерти, ликовни изложби, книжевни промоции и литературни настани, театарски и балетски претстави, фолклорни вечери, па сè до повеќедневни фестивали и мултимедијални проекти.
За успешноста на манифестацијата значаен беше и придонесот на гевгелиските јавни општински установи: Домот на култура „Македонија“, Градската библиотека „Гоце Делчев“, Пионерскиот дом „Јосип Броз- Тито“, Музејот, Основното музичко училиште „Васо Карајанов“, Детската градинка „Детска радост“, како и Oсновните училишта, Гимназијата и бројни здруженија на граѓани, културни работници и правни лица.
Општина Гевгелија со нив, преку заеднички ангажман и рационално користење на сите расположливи ресурси, создадоа услови уметноста да биде достапна за сите граѓани и ја зацврстија улогата на културата како значаен дел од секојдневието на заедницата.

































