Со богата и разновидна културно-уметничка програма под наслов „Ние, јазикот и уметноста“, ООУ „Крсте Мисирков“ од Гевгелија, на 21 мај 2025 година, свечено го одбележа својот Патронен празник. Настанот се одржа во Народниот театар во Гевгелија, каде што меѓу присутните гости имаше многубројни ученици, родители, наставници, како и претставници од локалната власт, вклучувајќи го и градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов.
Учениците, под менторство на своите наставници, успешно се претставија пред публиката со разновидни уметнички изведби. Програмата опфати настап на училишниот хор и оркестар, драмски сцени и музички и кореографски точки. Дополнително, модната еко-ревија на учениците го збогати чествувањето на Патронатот. Сценариото и режијата беа на м-р Мери Олумчева, а техничка поддршка Кристина Младеновска. Музчки ментор беше Горан Лазаров.
Пред почетокот на уметничките настапи, директорот на Училиштето, Ѓорги Стамков, се обрати до присутните со поздравен говор, со којшто го честиташе Патрониот празник, а потоа им врачи благодарници на ученици коишто постигнале успеси на државно ниво во учебната 2024 / 2025 година,
– На мое огромно задоволство, се обраќам по повод 67. чествување на патронот на нашето училиште, Крсте Петков Мисирков. Преку реализацијата на воспитно-образовниот процес, но и големиот број реализирани инфраструктурни зафати, измина уште една особено интересна и поинаква учебна година која недвосмислено ни подари прекрасни новини. Нашето работење не застанува тука, ами уште позасилено ќе се впуштиме во реализацијата на нови проекти што ќе бидат изненадување во периодот што следи. Покрај менаџирањето на материјалните ресурси, ние се покажавме успешни и во раководењето со учениците како ресурси, постигнувајќи голем број успеси и резултати на државните натпревари- истакна Стамков.





















