Општина Гевгелија го одбележа пуштањето во употреба на новоизградената улица „Св. Климент Охридски“- Западен булевар, долг 1.200 метри, која претставува капитален инфраструктурен зафат и модерен обиколен пат за градот. Свеченоста се одржа во присуство на Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски; заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт и врски, Александар Николоски и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, како и голем број локални функционери и граѓани.
Градоначалникот на oпштина Гевгелија, Aндон Сарамандов, истакна дека реализацијата на Западниот Булевар била еден од врвните приоритети во неговата програма, особено поради проблемите што ги создаваа товарните возила пред Основното училиште „Крсте Мисирков“ и низ централните улици. Со новата обиколница, се олеснува протокот на возила и значително се подобрува квалитетот на живот за граѓаните.
– Реализацијата на овој проект бараше многу време, енергија, знаење и значителни финансиски средства, имајќи ги предвид реалните можности на Општината. Денес, со гордост можеме да кажеме дека инвестицијата е успешно завршена и ставена во функција на граѓаните и исполнета повеќе од две децении стара идеја, со која се решава долгогодишниот проблем со сообраќајната фреквенција низ централното градско подрачје- изјави Сарамандов.
На настанот се обратија и претседателот на Владата, Мицкоски и министрите Николовски и Пирински за значењето на овој завршен проект, како и за целосната поддршка од Владата за Општина Гевгелија за нејзин понатамошен развој.
Во рамки на посетата, премиерот и владината делегација заедно со градоначалникот извршија и увид на уште две локации каде во моментот течат градежни активности за изградба на модерен кружен тек со мост на влезот во Гевгелија и реконструкција на натпатникот со дел од булевар „Гевгелија“, инфраструктурни проекти што ги реализира локалната самоуправа во соработка со централната власт.






















































