Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 20 ноември (четврток), со почеток во 19:00 часот, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, ќе се одржи свечен концерт по повод 25-годишниот јубилеј на ЗГ „Музички моменти“- Гевгелија, кое изминатите две и пол децении остава значајна трага врз културниот и музичкиот живот во Гевгелија.
Вечерта ќе ја одбележат настапи на еминентни македонски уметници. Сопранистката Весна Гиновска Илкова и баритонот Горан Начевски ќе ги интерпретираат своите програмски избори во заеднички настапи. Пијанистката Елена Атанасовска Ивановска ќе се претстави со самостоен пијано-рецитал, додека Лазар Соколов и Емилија Кабранова Филипова ќе настапат заедно во дуо програма. Флејтистот Страшо Темков ќе изведе самостоен солистички настап, а виолинистот Момчило Куфојанакис ќе настапи во придружба на пијанистката Весна Ангелова Христов, претставувајќи дела од богатата виолинска литература.
Промотор на концертот ќе биде Александар Трајковски, кој преку своето обраќање ќе ја доближи програмата до публиката и ќе го истакне значењето на 25-годишното делување на ЗГ „Музички моменти“ и нивната континуирана улога во музичкиот живот на Гевгелија.
Јубилејниот концерт претставува културен настан од висок ранг, кој не само што го чествува „Музички моменти“ туку и го збогатува календарот на активности што Гевгелија ги реализира како носител на титулата „Град на културата за 2025 година“.





