Минатата година, Општина Гевгелија издвоила 3.987.376 денари за социјално-ранливи категории граѓани преку Програмата за активностите во областа на социјалната заштита. Според Извештајот за реализација на Програмата за активностите во областа на социјалната заштита, во текот на 2023 година, во Општина Гевгелија било поднесено 161 барањe за исплата на еднократна парична помош за новороденче. Согласно изготвените решенија за исплата на еднократна парична помош за новороденче, во текот на 2023 година, се родило 161 дете, од кои 80 машки и 81 женскo. За прво дете, извршени се 82 исплати на еднократна парична помош во висина од по 6.000 денари, за второ 62 во висина од по 6.000 денари, за трето 14 исплати во висина од по 12.000 денари, како и по три исплати за четврто дете, во висина од по 12.000 денари. За новороденче, исплатена е вкупна сума од 1.068.000 денари.
Додека, од страна на граѓаните пристигнале 172 барања за еднократна парична помош. Врз основа на поднесената документација (медицинска или потврда од надлежна институција за социјалната положба на барателот), на 161 лице, жители на општина Гевгелија, од кои 81 маж и 80 жени, им е исплатена еднократна парична помош во висина од вкупно 1.132.000 денари. Најголем број од доставените барања се однесуваат за еднократна парична помош за лекување. Општина Гевгелија во 2023 година субвенционираше 24 лица, корисници на гарантирана минимална помош и социјална пензија, кои ја плаќаат сметката за вода што не надминува повеќе од 20 метри кубни месечно и тоа на 11 жени и 13 мажи, врз основа на доставено барање од ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија за платената фактура. И во 2023 година, Општина Гевгелија продолжи со обезбедување на превозот на лица со посебни потреби кои го посетуваат Дневниот центар за лица со посебни потреби- Гевгелија. За таа цел, од општинскиот буџет беа издвоени 630.000 денари, а превозот се организираше по претходно спроведена тендерска постапка.
Во ЈУ Работнички универзитет „Кирил и Методија“- Гевгелија и во 2023 година продолжи бесплатната услуга за деца за превентивни активности, едукација и третирање проблеми во вербалната комуникација за што се ангажираа два логопеда кои спроведуваше групна, индивидуална и окупациска терапија за отстранување на говорните оштетувања кај децата. Мерката ја користеле 23 дечиња, од кои 14 момчиња, а 9 девојчиња.
Покрај постојните мерки и активности, минатата година, Општина Гевгелија набави 3 електромоторни помагала за лица со телесен инвалидитет, членови на Здружението за лица со телесен инвалидитет „Мобилност“- Гевгелија. За таа цел, Општина Гевгелија распиша тендерска набавка, а по нејзината реализација, трите автоматизирани помагала, односно една електромоторна количка со контролна табла (џоистик), електромоторен скутер и електромоторен приклучок, беа предадени трајно во употреба на корисниците во просториите на ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа- Гевгелија.
Во 2023 година, на подрачјето на Општина Гевгелија се воспостави услугата лична асистенција на лица со попреченост, чиј давател на услугата е ОО Црвен крстГевгелија. За таа цел, Општина Гевгелија врз основа на меѓуопштинска соработка со Општина Богданци, аплицираше на Јавниот повик објавен од Министерството за труд и социјална политика за подобрување на социјалните услуги и доби грант во висина од 7.131.336 денари. Додека, Општина Гевгелија со сопствени средства ги покри патните трошоци за обука на пријавените асистенти. Ангажирани се 8 асистента за 13 корисника во Гевгелија и 3 асистента за 6 корисника во Богданци. Услугата се дава до крајот на јуни 2024 година. Исто така, беше воведен и бесплатен оброк за учениците од социјално-ранливите категории во основните училишта на подрачјето на општина Гевгелија, по список добиен од ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа- Гевгелија.