Во Општина Гевгелија, во текот на 2023 година, извршено е значително проширување и подобрување на патната инфраструктура. Во Извештајот за работата на Градоначалникот на општина Гевгелија, по којшто се расправаше на 40. седница на Советот на Општина Гевгелија, стои дека во 2023 година се изградени неколку нови улици, асфалтот е обновен на најоштетените улици, а бетонирани се повеќе помали улици и краци. Покрај ова, уредени се и нови тротоари и пешачки патеки со поставување на павер-елементи. Со целосната обнова и проширување на локалната мрежа, во Општина Гевгелија беа опфатени 44.330 м.² улична површина. За реализација на овој зафат од Општинскиот буџет беа издвоени вкупно 49.564.649 денари сопствени средства.
Изградбата на нови улици се одвиваше во неколку населени места, поточно, целосно нови улици се изградени во: Гевгелија, Давидово, Негорци, Прдејци и Мрзенци. Станува збор за новоизграденин улици во должина од 4.198 метри или на површина од 16.728 м.², во вкупна вредност од 26.458.386 денари, коишто средства беа обезбедени од Општинскиот буџет.
Минатата година, започна реализацијата на втората фаза од изградбата на улицата „Свети Климент“ (Продолжување на Западниот булевар), со изградба на фекална и атмосферска канализација, како и на водоводна линија, што е предуслов за целосна изградба на оваа заобиколна сообраќајница околу Гевгелија. По изградбата на комуналната инфраструктура, ќе започнат изведбените работи за реализација на третата фаза, односно асфалтирање на улицата „Свети Климент“. Изградбата на Западен Булевар како проект има огромно значење за нашите сограѓани, бидејќи со неговата реализација се отвора можноста за движење на товарните возила, надвор од градот и урбаната средина.
Во текот на 2023 година, обновен е асфалтот на улична површина од 6.798 м.² и тоа на улиците во: Гевгелија, Давидово, Миравци и Милетково. За реконструкција на улиците од Општинскиот буџет беа издвоени 5.647.549 денари. Исто така, во текот на 2023 година беше извршено и бетонирање на помали улици и краци во Гевгелија и во другите населени места, на вкупна површина од 17.512 м.², за што беа издвоени 12.335.882 денари. Изградени се и реконструирани тротоари и патеки на вкупна површина од 3.242 м.², во вредност од 5.122.830 денари.
Покрај тековното одржување на локалните патишта, исто така, беа реализирани и неколку помали зафати во градот и населените места, по барање на граѓаните.