Во рамките на културната програма „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 12 декември 2025 година, во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, се одржа промоцијата на поетската збирка „Сонување (Метаморфози)“ од роднокрајната авторка Жаклина Атанасова. Настанот привлече бројна публика- љубители на поезијата, професори, ученици, културни работници и почитувачи на книжевното творештво од Гевгелија и пошироко.
Промоцијата помина во релаксирачка, уметничка атмосфера, во која поетскиот збор, музиката и интерпретацијата се надополнуваа во складна целина. Авторката Жаклина Атанасова, професор по македонски јазик и литература во СОУ „Јосиф Јосифовски“ и лектор по македонски јазик, преку својата нова стихозбирка ја потврди својата препознатлива поетика и длабока сензибилност, нудејќи поетско дело кое навлегува во внатрешните состојби на човекот и во современите духовни превирања.
За поетскиот израз, тематската слоевитост и естетската вредност на делото говореше проф. д-р Васил Тоциновски, кој во својот критички осврт истакна:
– Стихозбирката „Сонување (Mетаморфози)“ на Жаклина Атанасова е актуелна и возбудлива творечка постапка што се чита со леснотија и задоволство. Станува збор за поезија во која се наоѓаме себеси, препознаваме многу детали и фрагменти од сопственото живуркање со копнежите оти утре ќе биде подобро. Стихови кои се исполнети со тага, болка и чемер, со уништени соништа и копнежи, недоверба во превртено време и во бездушни луѓе, и уште што не, но, притоа, над сè воздигнува, зрачи и значи со вербата да се биде човек и да се сака животот. Притоа, веруваме, како што Атанасова верува во Бога, Словото, Убавината и во Добрината. Миг е животот, солза утринска е човекот, љубовта и добрината не се предаваат на суровоста од времето, на студенилата од просторите, и токму затоа Атанасова тоа храбро и мудро го возвишува со сонување и метаморфози. Прочитајте ги со интерес и верба, за една творечка и естетски вредна стихозбирка која споменува/укажува и се практикува како ука и поука.
Во продолжение на промоцијата, за делото говореше и м-р Стефан Марковски, кој ја нагласи современоста на поетскиот јазик, искреноста на лирскиот израз и важноста на ваквите книжевни изданија за локалната и националната книжевна сцена.
Избрани стихови од збирката беа интерпретирани од Теодора Атанасова и Атанас Атанасов, кои со својата сценска изведба ѝ дадоа дополнителна емоционална длабочина на мајчината поезија.
На музичкиот дел од настанот посебен уметнички белег му даде настапот на Градскиот мешан хор „Гортинија“, кој под диригентство на м-р Илија Атанасов ги изведе композициите „Locus Iste“ од Антон Брукнер, „Ubi Caritas“ од Олга Ѓејло и „Dies Irae“ од Мајкл Џ. Трота. Како специјални гости на промоцијата настапија и членовите на Детското градско хорче „Божилак“, чии изведби се вклопија во целокупниот уметнички концепт на вечерта, а беа поздравени со долги и искрени аплаузи од присутната публика.
Промоцијата на „Сонување (Метаморфози)“ потврди дека градот успешно ја негува книжевната уметност и создава простор за афирмација на домашните автори. Настанот заврши во топла и инспиративна атмосфера, оставајќи силен впечаток кај публиката и уште еднаш потврдувајќи ја моќта на поезијата како духовна и културна вредност.










