Советот на Општина Гевгелија, на својата 42. седница, донесе повеќе одлуки и решенија за работата на Општина Гевгелија и локалните институции. Имено, Советот го усвои Годишниот извештај за реализација на Програмата за развој на Југоисточниот Плански Регион за 2023 година, како и одобри Oпштина Гевгелија да аплицира со Проект: „Балкански алтернативни мобилни рути за одржлив туризам во сите сезони (Балкан вело)“ на Повикот за проектни предлози на ИНТЕРРЕГ VI-A ИПА Програмата за прекугранична соработка Бугарија – С. Македонија. Со цел, создавање поволни услови за туристичка понуда преку формирање Мултифункционален пријателски центар (старото училиште во Серменин) и изградба на велосипедска патека во должина од 1.003 метри до серменинскиот манастир „Св. Илија“.
Со одобрувањето на апликацијата, одобрено е и имплементирање и обезбедување одржливост на резултатите од Проектот, во којшто Општина Гевгелија е партнер заедно со Општина Богданци и ФЛОРИТ од македонска страна и Општина Разлог како лидер-партнер, Агенција за економски развој- Банско, Асоцијација „Дестинација“- Разлог, Асоцијација „Ски клуб“- Разлог, Висок стандард ДОО, Френс травел 2018 ДОО од бугарска страна. Вкупниот буџет на Проектот изнесува 999.960 евра.
Советот на Општина Гевгелија донесе Одлука за изработка на техничка документација за изградба на пристапни локални патишта до обиколници, со цел Општина Гевгелија да аплицира на Повикот за предлог-проекти од УНДП и Шведската агенција за развој- СИДА за Фонд за техничка документација. Станува збор за обезбедување средства од Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година, во висина од 7.115 долари во денарска противредност заради подобрување на патната инфраструктура и подобра поврзаност на населбата „Караорман“ со обиколницата Западен булевар во Урбан блок 9.2, општина Гевгелија.
Во врска со финансиското работење, со мнозинство гласови беа усвоени Кварталниот извештај за извршување на Буџетот на Општина Гевгелија за извештајниот период кумулативно, за квартал 01.01 – 31.03.2024 година, како и измените и дополнувањата на Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година. Согласно ребалансот на Буџетот, беа усвоени и измените и дополнувањата на Програмите за 2024 година, за – уредување на градежното земјиште во општина Гевгелија; изградба, реконструкција, рехабилитација, одржување и заштита на општинските патишта и улици; работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на РСМ на подрачјето на општина Гевгелија и за изработка на урбанистички планови во општина Гевгелија.
Советот на Општина Гевгелија расправаше по измените и дополнувањата на Финансовите планови за 2024 година на средното и основните училишта, како и на институциите од областа на културата. Донесени се одлуки за подигање спомен-обележје „Параклис посветен на Св. Архангел Михаил“ и формирање одбор за негово подигање. И годинава, Советот одобри Општина Гевгелија да дава субвенции за набавка на велосипеди, а донесе одлука од Буџетот на Општина Гевгелија за 2024 година да се обезбедат средства на матуркиот одбор при СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.
На вчерашната 42. седница, се дискутираше и по Финансискиот извештај на ЈПКД „Комуналец“- Гевгелија за период 01.01 – 31.03.2024 година (кумулативно), како и по Одлуките за утврдување цена за снабдување со вода за пиење, собирање и одведување урбани отпадни води и прочистување на отпадните води за периодот 2024 – 2026 год.