Во пресрет на Новата 2025 година, Дедо Мраз ги израдува дечињата од Гевгелија. Со поворка низ градот и на украсен камионет, новогодишниот идол на сите дечиња пристигна на Градскиот плоштад. Во весела и прекрасна атмосфера, мина традиционалната манифестација „Дочек на Дедо Мраз“, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија. Дружењето со Дедо Мраз беше збогатено со изведба на песничките од Детскиот фестивал „Калинка“, како и настапи на Танцовото студио „Мистик“ од Гевгелија.
Претходно, како дел од новогодишната програма за којашто се погрижија ЈОУ Пионерски дом и Дом на култура- Гевгелија, беа и двете изведби на театарската претстава „Енгеле бенгеле“ на Драмската секција. Катица Џишева Дупарова го постави на сцена драмскиот текст на професорот по Македонски јазик и литература, Тони Аврамов, а чијашто изведба предизвика голема радост кај дечињата преку фантастичната глума на членовите на Драмската секција и толкување на ликовите: Жарче Оџачарче, Трапчо, Вештерката Летка, Сезнајко, Зорка Брзозборка и двете кукли.