Во рамките на програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата 2025“, на 16 мај 2025 година (петок), со почеток во 12:00 часот, на Градскиот плоштад во Гевгелија, ќе се одржи традиционалната матурска свеченост, со која матурантите од СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија симболично ќе го заокружат своето средношколско патување.
Гевгеличани ќе го проследат матурскиот танц „Квадрил“ што учениците од 3. и 4. година ќе го изведат под звуците на музиката од Штраусовата оперета „Лилјакот“. Танцот е резултат на повеќенеделна подготовка под раководство на нивните професори по спорт и спортски активности и претставува симболична порака за зрелост, сплотеност и премин во едно ново животно поглавје.
Пред изведбата, младите ќе положат свечена заклетва за ненасилство, почитување на различностите и промовирање на толеранцијата – чин кој ја одразува нивната определба за подобро и похумано општество.
