Во пресрет на општинскиот празник- 7 Ноември,
Денот на ослободувањето на Гевгелија, се одржа прес-конференција во просториите на Народен театар- Гевгелија. Претставниците на културните и образовните институции: Mирјана Крстева Массетти, Ѓорги Милков, Стефан Марковски, Александар Делиџаков и Цеца Танчевска, имено и креатори, ја најавија богатата повеќедневната културна и спортска програма. Имено, од 3 ноември започнуваат чествувањата за 7 Ноември, со одржување на Свечена академија на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија по повод 70 години јубилеј- гимназиско образование во Гевгелија, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот.
Aтлетската трка November run Gevgelija на 4 ноември ќе го доживее своето второ масовно издание со организација на три детски трки по возрасни категории и првата инклузивна трка за лица со попреченост. Трките започнуваат во 13:30 часот, на платото пред споменикот на Сава Михајлов. Вечерта, со почеток од 20:00 часот, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, пијанистот Глигор Гелебешев, родум од Гевгелија, ќе го одржи својот солистички концерт.
На 5 ноември, продолжува Атлетската трка November run со одржување на трките на 5 и 10 км, со почеток од 09:00 часот, а во 12:00 часот, трката ќе се затвори со прогласувањето на победниците. Истиот ден, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот, следува „Фолклорен ѓердан“.
Програмата продолжува на 6 ноември со Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија, којашто ќе биде отворена со почеток од 19:00 часот, во Ликовната галерија Амам, а со почеток од 20:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија ќе биде одиграна театарската претстава „Аудиција“ од репертоарот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“- Прилеп, во режија на Владимир Милчин.
На самиот Ден на ослободувањето на Гевгелија, ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјата во Гевгелија, во 11:30 часот. По повод празникот, Советот на Општина Гевгелија ќе одржи свечена седница во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот. По седницата, во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде одржан Концерт на гудачки камерен оркестар „Ајга“ под диригентската палка на Борјан Цанев.