ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија со свечен концерт го одбележа набавувањето на новото пијано. По тој повод, новото пијано пред гевгеличани го промовираа истакнати поранешни ученици, како и професори по пијано во ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија со изведба на композиции за пијано и дует со виолина. Имено, карактеристиките на пијаното и квалитетниот звук беа истакнати од прстите на: Благоја Стоев, Сања Миленковиќ, Владо Сапламаев, Глигор Гелебешев (соло) и во дует со Емилија Николовска (виолина), Мими Дучева, Никола Павлов и Александар Лазаров.
Концертот го отвори директорката на ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија, Сузана Стефанова, која во своето обраќање до присутните истакна дека целта на набавката на новото пијано е да придонесе во подобрувањето на квалитетот на музичката наобразба кај учениците по пијано и концертните активности- без разлика дали ќе биде за корепетирање или соло пијано настап на ученици.
Набавката на новото пијано е од заштедените сопствени средства на Училиштето, како и со средства од Општина Гевгелија, за што Стефанова изрази голема благодарност до локалната самоуправа за поддршката и иницијативата да биде побргу реализирана.