Вчера, со Концертот на Ансамблот „Бојмија“: „20 години, детски чекори“ започна празнувањето на Вознесение Христово- Спасовден 2024 година. Во преполната сала на Народниот театар, присутните уживаа во традиционалните игри и музика, со настапите на детските групи при Ансамблот. Со одржувањето на првиот концерт, којшто влезе во културно-уметничката програма за чествување на Патрониот празник на Гевгелија „Св. Спас“, гевгелискиот ансамбл го започна првиот концерт од серијата концерти за одбележување на 20-годишниот јубилеј од нивното постоење.
Како што најавија на отворањето, следниот концерт на детските групи е закажан за 17 јуни, а потоа, на 19 јуни, ќе биде одржан и концерт на првиот состав на „Бојмија“ и групата ветерани.
20 години по ред „Бојмија“ неуморно ги шири македонскиот фолклор и македонската култура, како низ Македонија, така и во странските држави. Гевгелија и нашата држава ја претставуваат достојно, со голем број успешни претставувања и освоени голем број признанија и награди.