Со значителна посетеност, силна сценска динамика и разновидна танцова програма, на 14 март 2026 година во спортската сала „26 Април“ во Гевгелија се одржа третото издание на Интернационалниот танцов натпревар „GEVGELIJA DANCE FEST“, кој ја позиционира општината како важна точка на танцовата мапа во државата.
На Фестивалот учествуваа над 630 танчери од танцови студија од повеќе градови низ државата и соседството: Aqua Dance Club- Скопје, BS Anabela- Велес, Stars- Кавадарци, Ultra- Куманово, Dancers United- Скопје, Еxtreme- Ниш, MDT- Свети Николе, Marbal- Скопје, One Way- Струмица, Urban Crew- Штип и Urban Crew- Свети Николе и домаќинот „Мистик“- Гевгелија, кои се натпреваруваа во повеќе категории и дисциплини, а најдобрите беа наградени со пехари и медали. Во рамки на Фестивалот, посебно внимание привлече Танцовото студио „Еурека“- Скопје со инклузивен настап на лица со попреченост, кој беше поздравен од публиката и испрати силна порака за еднакви можности и достапност на уметноста за сите.
Учесниците, на возраст од 4 години па нагоре, настапија како солисти, во дуети, групи, формации и продукции, а нивните изведби беа оценувани од стручна жири-комисија. Во текот на натпреварот беа претставени различни танцови стилови – од класичен и современ балет, преку џез и show dance, до латино и современи урбани правци како хип-хоп, street dance show и K-pop.
Почесен гостин беше министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, го проследија настанот.
– Преку ваквите културни и спортски настани живее и се афирмира нашата Гевгелија. Како локална самоуправа ги поддржуваме и во иднина ќе продолжиме финансиски и логистички да ги поддржуваме сите кои чесно и посветено работат во својата област. Честитки до сите вклучени за ентузијазмот и организацијата- истакна градоначалникот Сарамандов.
Организатор на настанот е Танцовото студио „Мистик“ од Гевгелија, кое и оваа година успешно ја реализираше манифестацијата, со зголемен број учесници и висок организациски квалитет. Интересот за учество расте од година во година, што укажува на сè поголемото значење на Фестивалот, како на локално, така на национално ниво.
Локалната самоуправа на Општина Гевгелија континуирано дава поддршка на ваквите настани, препознавајќи ги како важен сегмент во развојот на културата, туризмот и младинските активности. Ваквите манифестации, покрај културната вредност, имаат и значајно влијание врз промоцијата на Гевгелија како атрактивна дестинација за настани. Со ваков концепт и растечки интерес, „GEVGELIJA DANCE FEST“ се етаблира како препознатлив настан кој ги обединува младите, уметноста и современите трендови, и претставува значаен придонес кон културниот календар на општината.













































