Во Миравци, од 30 јули до 17 август 2025 година, се одржа традиционалниот Турнир во мал фудбал „КМФ Млади“, кој го организира ЗГ „КМФ Млади“- Миравци. Годинава, на Турнирот учествуваа 9 екипи во јуниорска категорија и 16 екипи во сениорска категорија, кои дојдоа од повеќе градови во Македонија. Покрај големиот број пријавени екипи, Турниот привлече и голем број публика која со големо внимание и навивање ја следеше секоја игра. Дејан Малзарков, урбаната комична легенда, имаше чест свечно да го отвори Турнирот „КМФ Млади“ во Миравци со својот мини stand up настап. Настапот ја загреа публиката со хумор и динамична атмосфера, а присутните уживаа во кратката, но енергична програма пред почетокот на натпреварите.
Одмерувањата на силите помеѓу екипите се одвиваа во фер и пријателска атмосфера, прикажувајќи високо ниво на спортски дух, тимска соработка и посветеност. Во финалето кај сениорите, победник беше екипата „Евро Обнова“ од Пирава, која во тесен и возбудлив дуел ја надвладеа „Црна Река“- Возарци, Кавадарци. Натпреварите во јуниорската категорија, исто така, понудија интензивни моменти и покажаа голем потенцијал кај младите фудбалери. На завршната церемонија, најдобропласираните екипи беа наградени со дипломи, пехари и вредносни ваучери, а беа прогласени и најдобрите поединци, кои се истакнаа со својата техника, упорност и спортски дух.
Настанот е финансиски поддржан од Општина Гевгелија преку Програмата за спортски активности за 2025 година, што овозможи успешно и безпречено одвивање на Турнирот.
„КМФ Млади“ продолжува да биде значаен спортски настан во промоцијата на фудбалот на мал терен, поттикнувајќи ги младите на активност и фер натпреварување, како и во зајакнување на заедницата преку дружба и спортски натпревари.














