На 18 август 2025 година, фоајето на Народниот театар во Гевгелија беше исполнето со звуците на најубавите староградски песни во изведба на Културно-уметничкото друштво „Распеани гевгеличани“, чии настапи се препознатлив белег на локалната културна сцена. Со внимателно одбрана програма, Концертот во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ уште еднаш потврди дека Друштвото е вистинска платформа за зачувување и промоција на нематеријалното културно богатство.
Настанот започна свечено со химната на Гевгелија „Цветна градина, бела, топла, убава, везден распеана“, која предизвика емоции и силни аплаузи од присутните. Во продолжение, Aнсамблот ја оживеа убавината на староградската песна преку богат репертоар во кој се најдоа незаборавни мелодии и стихови: „Сношти вечер“, „Недо ле арна девојко“, „Ај што ќе прајме девојко“, „Трби, трби гевгелијско“, „А бре бај Пустоле“, „Што е чудо станало“, „Пиле пее по море“, „Кажи Рајне, кажи душо“, „Тргнала Румена“, „Кажи Цвето“, „Не ми седи коконо“, „На срце ми лежи“, „Бог да бие Тино“, „Оти Ристо сношти не дојде“ и „Петрово лето“. Целиот концерт ја долови душата на едно време исполнето со емоција, љубов и човечка топлина. Интерпретацијата на пејачите и музичарите ја оживеа атмосферата на старите градски дворови, калдрмисаните улици и вечерите под фенери, кога песната била главен јазик на чувствата. Многумина во публиката се потсетија на песните што се пееле во нивните семејства, во мигови на радост и собир, што на вечерта ѝ даде дополнителна топлина и интимност. Таа блискост со минатото уште еднаш покажа дека овие песни не стареат- напротив, со времето стануваат уште поскапоцени и поблиски до срцата на луѓето.
Настанот беше во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, којшто останува верен на заложбата да ја приближи музиката и локалната традиција до сите граѓани, поттикнувајќи љубов кон културното наследство. Ваквите настани се културен мост што ги поврзува генерациите, оставајќи порака дека музиката и песната се вечни чувари на идентитетот и гордоста на еден народ.





