На 28 октомври 2025 година (вторник), со почеток во 19:00 часот, на сцената на Народниот театар во Гевгелија ќе биде изведена театарската претстава „Чиста куќа“ од Сара Рул, во превод и режија на Тамара Стојаноска. Претставата е во изведба на Народниот театар „Војдан Чернодрински“- Прилеп, а организацијата е на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, во рамките на програмата за манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, поддржана од Министерството за култура и туризам и Општина Гевгелија. Влезот е бесплатен.
„Чиста куќа“ е претстава што раскажува длабока човечка приказна за животот и смртта, преку пет различни, но меѓусебно испреплетени ликови. Како што вели режисерката Тамара Стојаноска: „претставата зборува за непредвидливите пресврти во животот и начинот на кој се соочуваме со нив, за болката што е неизбежна, за големината на простувањето, но и за љубовта и губењето на истата таа“.
Претставата ги истражува темите на емпатија, траума, детски спомени и семејни односи, користејќи вицови како симболичен филтер преку кој ликовите се справуваат со болката и животните тешкотии. Чистењето, како што објаснува режисерката, е метафора за прочистување на внатрешниот емоционален хаос, за грижа, љубов и обид да се врати контролата во свет исполнет со несигурност.
Драматургијата е на Лидија Митоска- Ѓорѓиевска, сценографијата и дизајнот на плакатот и рекламниот материјал се на Филип Коруновски, музички соработник е Ана Митоска, а изборот на костими е на режисерката во консултација со актерската екипа. Во претставата играат: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска- Клинческа, Јасмина Мицовска- Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски.
Со својата поетичност, духовитост и магичен реализам, „Чиста куќа“ на Сара Рул нуди емотивно и инспиративно театарско искуство што потсетува дека токму во несовршеноста се крие вистинската човечност.









