Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, заедно со министерот за локална самоуправа, Златко Перински, извршија увид во тековните градежни активности за изградба на новата улица во Урбан блок 14, „Индустриска – Новопланирана 2“.
Улицата, којашто се наоѓа во месноста „Ракита“, е со вкупна должина од 450 метри. При увидот, се констатира дека улицата е во напредна фаза- активности за поставување на тампонскиот слој и првиот носив слој на асфалт. Во наредните денови ќе следува и поставување на завршниот асфалтен слој, по што улицата ќе биде целосно завршена и ставена во функција. Изградбата на оваа улица се реализира со финансиска поддршка од Министерството за локална самоуправа, преку кое се обезбедени над 6.000.000 денари.
– Оваа нова сообраќајница претставува значајна инфраструктурна врска и отвора нови можности за развој на локалното стопанство. Со нејзината изградба се олеснува пристапот до деловните капацитети и се создаваат услови за нови инвестиции. Реализацијата на овој проект уште еднаш ја потврдува поддршката, која Општина Гевгелија ја добива од Владата и ресорните министерства, со оглед на фактот дека средствата за изградба на оваа улица, се обезбедени преку Министерството за локална самоуправа- истакна градоначалникот Сарамандов, во својата објава по извршениот увид.