Уметнички дијалог преку границите- таков беше духот што се чувствуваше на платото пред Народниот театар во Гевгелија на 29 август 2025 година, кога градот стана сцена на размена, соработка и креативна енергија што не познава јазици, националности или административни линии. Во рамки на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, тука се одржа ФИЈУК – Меѓународен книжевно-уметнички саем, кој го претвори овој граничен град во епицентар на културната размена и современото творештво.
Организиран од Здружението на граѓани „Арт Еквилибриум“, во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и со поддршка од Општина Гевгелија, ФИЈУК уште еднаш го потврди својот статус како регионална платформа што обединува книжевни и уметнички практики со отворен и инклузивен пристап.
Во текот на настанот, посетителите имаа можност да уживаат во богата програма која вклучуваше промоции на книги, читања поезија и проза, изложби, уметнички перформанси, колаж-акции и музички настапи.
Учествуваа над 30 автори, колективи и уметнички групи од Македонија, Србија, Грција, Шведска и Турција, меѓу кои: Арт Еквилибриум, Партизанска Штампа, Матријаршија, Stavros Kioutsioukis, Longest Night, Sharla Records, Shock Troopers, Јелена Белиќ, Наташа Гелева, Симеон Анѓелкоски, Boiling Point, Murat Kalkavan, Искра, Лусиана Ампева, Мртов коњ, Уна Николовска, Кула, Илика, Аџамија, Enati Diastasi, Јован Гаковски, Моника Игевска Ризова, Александра Поповиќ, Александар/Корн, Дона Илијевска, Марија Ќорнакова, Теодора Ставрова, Марија Џинова, Михаела Ризова, Стефан Божиновски и Сара Богоевска.
Посебен интерес побуди промоцијата на уметничкиот проект „На пример“ под кураторство на Сали Ертунч, кој претстави публикација со цртежи од повеќе автори на тема „Азган“. Дополнително, поетското читање со наслов „Патувам кон себе и кон тебе во стих“ го одбележа објавувањето на новите поетски збирки „Координати на болката“ и „Надвор од единиците мерки“ од Александра Спасеска и Љубица Шопова, во издание на „Илика“.
Настанот беше збогатен и со колаж-акцијата „Ненаситни“ и диџеј сетот на Мартчин, кои донесоа енергична и интерактивна атмосфера, со што беше активиран целиот јавен простор во функција на уметничка интеракција.
Со своето отворено, интердисциплинарно и прекугранично позиционирање, ФИЈУК директно го одрази духот на програмата „Гевгелија град на културата 2025“, носејќи актуелни културни практики на јавна сцена, достапни за различна публика. Настанот не само што ја збогати локалната културна понуда, туку и ја зацврсти улогата на Гевгелија како точка на поврзување, дијалог и продукција на нови културни содржини, со јасна перспектива и пошироко влијание.




















