Во рамки на манифестацијата „Гевгелија – град на култура 2025“, на 5 мај 2025 година, сцената на Народниот театар – Гевгелија беше преполна со енергија, смеа и аплаузи од третата изведба на урнебесната комедија „Ванчо“. Присутните кои ја проследија претставата, беа сведоци на динамична и маестрално одиграна комедија на интрига, заснована на филмското сценарио на Џим Мулхоланд и Мајк Бари, а во режија на Катица Џишева Дупарова.
Централната приказна, низ игра во којашто торбата полна со скапоцен накит завршува во погрешни раце, предизвика еуфорија и громогласна смеа преку низата пресвртни ситуации, недоразбирања и хумор. 13-те актери: Силвестер Проле, Светлана Стојковиќ, Каме Ќаев, Зоран Кундурџиев, Томе Шуклев, Влатко Сапламаев, Петар Јанчев, Ангелина Шуклева, Весна Делева, Мартин Костадинов, Даниела Каранфиловска, Весна Папучиева и Лазе Николов, иако аматери, професионално внесоа живот во секој лик, оставајќи силен впечаток со својот хумористичен израз и актерска посветеност.
За освојувањето на срцето на публиката, актерскиот ансамбл беше награден со долги и искрени аплаузи, а од Театарот, сите излегоа со насмевка и задоволство од една вечер исполнета со духовитост и забава.










