Во духот на спортот, фер-плејот и дружењето, на 4 и 5 октомври 2025 година, на тениските терени во спортскиот комплекс „Касарна“ во Гевгелија, се одржа традиционалниот Турнир во тенис „Круна опен 2025“, кој и оваа година помина во одлична атмосфера и со извонредна организација.
На Турнирот учествуваа 24 тенисерa од повеќе градови низ државата: Гевгелија, Валандово, Штип, Скопје, Велес, Охрид и Кавадарци. Натпреварите се одвиваа во исклучително спортски дух, со бројни возбудливи мечеви, при што љубителите на тенисот имаа можност да уживаат во квалитетна игра и вистински спортски спектакл.
По двата натпреварувачки дена, титулата победник на „Круна опен 2025“ ја освои Александар Грујиќ од Гевгелија, кој во финалниот натпревар го совлада Костадин Петров од Велес со резултат 6:0, 6:2, демонстрирајќи доминантна и прецизна игра од почеток до крај. Во полуфиналето играа и Андреј Саздовски и Драган Вурмо, кои со својата енергија и спортски дух му дадоа посебен печат на Tурнирот. На победникот му беше доделена награда во висина од 18.000 денари, на финалистот- 9.000 денари, а на полуфиналистите по 3.000 денари, како и врачени пехари.
Организатор на „Круна опен 2025“ беше Тенискиот клуб „Круна“- Гевгелија, кој со својата посветеност и долгогодишно искуство во организацијата на спортски настани повторно ја оправда довербата на учесниците и љубителите на тенисот. Настанот се реализираше со поддршка од Општина Гевгелија, преку Програмата за финансирање на спортските активности за 2025 година, со што уште еднаш се потврди определбата на општината за унапредување и поддршка на спортот и младинската рекреација.
Со успешно завршеното издание на „Круна опен 2025“, Гевгелија уште еднаш ја потврди својата позиција како град со богата спортска традиција, современи спортски капацитети и ентузијазам за развој на тенисот како дел од спортскиот и рекреативен живот.









