Во рамки на Проектот „Изработка на сензорни реквизити за училишно сензорно игралиште“, учениците од ООУ „Владо Кантарџиев“, под менторство на Здружението „ЕКО ЛАЈФ“, спроведуваат подготвителни активности за дизајн и изработка на звучен ѕид и едукативен панел, коишто вклучуваат обработка на дрвен материјал, фарбање и боење, како и монтажа на дрвените реквизити. Притоа, во рамки на проектните активности, учениците, исто така, изработуваат и тактилен мурал којшто е во завршна фаза, во мозаик-техника со употреба на предмети од различни материјали. За таа цел, беше спроведена акција за собирање на предметите (пластични капачиња, стари дрвени боички и моливи, стари фломастери, пенкала, гуми, копчиња од тастатури, ЦД, искршени плочки, камчиња, стиропор, гипс, ориз, грав и сл.). Муралот ќе биде поставен на надворешен ѕид од зградата на Училиштето, изработен на шперплоча. Целта на изработката на овој мурал е развој на сензорно-моторниот и когнитивниот развој преку допир на предмети со различна форма и текстура.
Проектот „Изработка на сензорни реквизити за училишно сензорно игралиште“ на Здружението „ЕКО ЛАЈФ“ од Гевгелија се спроведува во рамки на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, што е финансирана од Европската Унија (ЕУ), а ја имплементира Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП). Проектот „Изработка на сензорни реквизити за училишно сензорно игралиште“ е кофинансиран од Општина Гевгелија.