Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 11 јуни, во Народниот театар- Гевгелија, се одржа второто издание на Годишниот концерт на Ансамблот „Бојмија“ од Гевгелија. Настанот привлече бројна публика која имаше можност да ужива во настапите на најмладите членови на Ансамблот- децата до 15-годишна возраст, кои преку своите изведби ја пренесоа љубовта кон македонското фолклорно наследство.
Концертот претставуваше своеобразен бис на уште една успешна и плодна сезона, како и можност дел од годишната работа да биде презентирана пред пошироката јавност. Детските групи изведоа неколку традиционални кореографии, со што ја прикажаа својата доследна и вредна работа, вложениот труд и дисциплината стекната преку целогодишната подготовка.
Со овој концерт, „Бојмија“ уште еднаш ја потврди својата улога како значаен чувар на нематеријалното културно наследство и како платформа за едукација и уметнички развој на младите од регионот.






