Традиционалниот настан „Фолклорен ѓердан“, којшто се одржа на 9 ноември 2025 година, во Народниот театар, Гевгелија го заокружи петдневниот културно-свечен мозаик во чест на 7 Ноември – Денот на ослободувањето на градот и Општинскиот празник. Настанот, во организација на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, во соработка со Ансамблот „Бојмија“, беше вистински празник на народното творештво, љубовта кон традицијата и гордоста на народниот дух. На сцената дефилираа звуци, ритми и бои што со генерации се пренесуваат како живо културно наследство, а многубројната публика со воодушевување ги поздравуваше секоја изведба и секој чекор што ја раскажуваше приказната на народниот дух. Вечерта ја отворија „Распеани гевгеличани“ со неофицијалната химна на градот „Трба, трби гевгелиско“, а потоа и со песната „Што е чудо станало“, внесувајќи ведра атмосфера и домашен шмек. Следуваа „Распеани пензионери – Сава Михајлов“, пејачка група при Здружението на пензионери на Општина Гевгелија, кои со својата долгогодишна активност постојано го негуваат изворниот дух на староградските и народни песни. Тие пред публиката се претставија со песните „За многу години, Македонци“, „Ангелино малој моме“ и „Сношти сакав да ти дојдам“.
Гостите од Скопје, фолклорната група „Пензионерски бисери“ при Здружението на пензионери Кисела Вода, ја понесоа публиката со „Бувчанско“, „Куцано“ и „Марица“ оро- изведби исполнети со ведрина и искрена љубов кон фолклорот. Домаќинот, пак, Ансамблот „Бојмија“, прво се претстави со кореографијата „Седенка“, која ја долови убавината на старите обичаи и дружењето околу песната и орото. Потоа, настапија Фолклорниот ансамбл „Тиквеш“ од Кавадарци со кореографијата „Радовишки собор“, КУД „Илинден“ од Битола со „Русински мегдан“, како и КУД „Панче Пешев“ од Куманово со темпераментните „Шопски игри“. Во завршницата на вечерта, со силен аплауз беше проследен повторниот настап на Ансамблот „Бојмија“ со динамична изведба на „Пијанец“- кореографија што со својата енергија ја разгоре сцената и го заокружи настанот во вистински фолклорен дух.
На сите учесници, од страна на директорот на ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“- Гевгелија, Александар Аврамов, им беа врачени благодарници за учеството и придонесот во зачувувањето на народното творештво и културното наследство. Со оваа богата и разиграна фолклорна вечер заврши културно-свечената програма посветена на 7 Ноември – Општинскиот празник, во рамки на проектот „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Настанот уште еднаш потврди дека љубовта кон традицијата е најубавиот „ѓердан“ што го поврзува минатото, сегашноста и иднината на Гевгелија.
















