На 18 јуни 2025 година, Перонот на Железничката станица во Гевгелија се претвори во несекојдневна галериска сцена со Изложбата на фотографиии „Црквите и манастирите во Гевгелиско“. На 17. изложени фотографии беше претставен спојот на духовноста и народната култура што го враќаат погледот назад- кон храмовите во Конско, Ума и Серменин со портрети во традиционална носија што некогаш биле нераскинлив дел од духовниот живот.
Целата поставката е изработена на форекс-подлога и воедно претставува запис кој нуди уникатен поглед на спојот меѓу сакралното и народното, архитектурата и облековната култура како носители на идентитетот.
Оваа втора изложба од циклусот „Црквите и манастирите во Гевгелиско“, поставена во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ е дел е од истражувачкиот проект на Етнокорелошкиот оддел при ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и труд на м-р етнокореолог Силвестер Проле, што има за цел преку фотографија да се почувстува спојот на верата, традицијата и заедништвото. Како и да се документираат и промовираат црквите и манастирите не само како објекти од камен, туку и како живи центри на духовност и културно паметење. Претставува одлична можност за развој на културниот туризам, но и поттик за идни активности- изработка на каталог што ќе ги обедини црковните споменици на Гевгелискиот Регион во една колективна меморија.
Со оваа изложба, Гевгелија уште еднаш го потврдува својот статус како „Град на култура за 2025 година“- место каде што традицијата не се заборава, туку се прераскажува со нов јазик.























