Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 25 ноември (вторник), со почеток во 13:00 часот, на сцената на Народниот театар- Гевгелија ќе биде изведена театраската претстава „Црвенкапа“ во продукција на НУ Театар за деца и младинци.
Претставата, во режија на Димитар Христов, претставува свежо и динамично толкување на добро познатата сказна за девојчето со црвената наметка кое на пат до куќата на својата баба ќе се соочи со прочуениот Волк. Авторот Александар Поповиќ во својата драматуршка обработка внесува нов лик- Иванка, палавата другарка на Црвенкапа, чија појава додава нов хумор и енергија во приказната.
Публиката ќе има можност да ужива во извонредните актерски интерпретации. Улогата на Црвенкапа ја толкува Ана Левајковиќ- Бошков, која со исклучителна посветеност и сценска природност го оживува ликот што децата го обожаваат. Ликот на Иванка е маестрално одигран од Винета Дамческа, внесувајќи ведрина и шарм во секоја сцена. Особено впечатлив е ликот на Волкот, кому актерот Владимир Лазовски му дава препознатлива сценска моќ и уникатност, оставајќи силен впечаток кај најмладата публика.
Во претставата играат и Катарина Илиевска Силјановска, Марија Ѓорѓијовска и Драган Довлев, кои дополнително го збогатуваат сценскиот мозаик со своите автентични изведби.
Сценографијата е дело на Живоин Трајановиќ, костимографијата ја потпишува Лира Грабул, музиката е на Љупчо Мирковски, а кореографијата на Сања Шутевска- тим кој создава визуелно и звучно привлечен амбиент, совршено прилагоден за детска публика.
Дали Волкот ќе ги изеде Црвенкапа и Бабата- останува најмладата гевгелиска публика да дознае на 25 ноември. Една од најомилените детски сказни оживува повторно, подготвена да понуди забава, возбуда и многу поуки за најмалите и нивните родители.
Организатор на настанот е Општина Гевгелија во соработка со ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, со поддршка од Министерството за култура и туризам.



