Постојат претстави што ги гледаш. И постојат претстави што ги живееш, што по завршувањето не те пуштаат да заминеш од салата ист- зашто нешто во тебе е веќе раздвижено, ослободено, прочистено. На 28 октомври 2025 година (вторник), на сцената на Народниот театар во Гевгелија, публиката проследи една од највпечатливите театарски претстави во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“- „Чиста куќа“, во изведба на Народниот театар „Војдан Чернодрински“- Прилеп.
„Чиста куќа“според сценарио на Сара Рул, во превод и режија на Тамара Стојаноска, ја користи секојдневноста како платно, но ја бои со филозофија, емпатија и суптилен апсурд. Не е само приказна за луѓе што се обидуваат да ги средат своите животи- тоа е драмска исповед за болката, љубовта и човечката потреба за прочистување. Пет различни лика, пет животи испреплетени со доживеана траума, неуспешна љубов, нереализирано „јас“, загуба и надеж, откриваат дека зад секој насмев и секоја тишина се крие нешто подлабоко- копнеж по смисла и мир.
На прв поглед, приказната за неколку жени и еден маж во нивниот испреплетен свет изгледа едноставно, но зад секоја реплика се кријат прашања што болат, прашања кои ретко се осмелуваме да си ги поставиме: „Дали она што го правиме во животот навистина има смисла? Дали нè исполнува? И колку долго можеме да ги криеме неправдите и болките без да се претвориме во нешто што не сме? И дали уште една доживеана неправда е доволна за да се осветиме, за конечно да го живееме животот?“
Актерската екипа, составена од: Даниела Иваноска, Наташа Ачански, Катерина Чакмакоска-Клинческа, Јасмина Мицовска- Станкоска и Димитар Ѓорѓиевски, го понуди она што ретко се гледа на сцената- чиста, длабока и човечка игрa, разоткривајќи ги кревкоста и комплексноста на човечките односи, смеата како одбрана, и прочистувањето како чин на љубов кон себе и кон другиот. Нивното маестрално актерско остварување го одржа вниманието на публиката два часа, успевајќи преку улогите да предизвикаат катарза- она вистинско „чистење“ на душата што го носи големиот театар. Низ следењето на етапите на драмското дејство, како колективно вдишување по нешто свето, присутните останаа без зборови, а многумина пуштија и солзи. Потоа, следеа долготрајни аплаузи, кои повеќе звучеа како искрена благодарност отколку како обична пофалба, потврдувајќи ја длабоката емотивна врска што ја создадоа актерите со присутните.
Со оваа изведба, симболично беше одбележан и Розевиот октомври- Месецот на женското здравје, бидејќи една од ликовите во претставата се соочува со канцер на дојка. Овој мотив ја прошири претставата надвор од границите на сцената, претворајќи ја во интимен разговор за храброста, женската сила и достоинството пред болката. „Чиста куќа“ во Гевгелија не беше само театар- беше огледало. Огледало во кое секој гледач ја препозна својата тишина, својата љубов, својата борба. Во времиња кога светот често изгледа премногу бучен и површен, оваа претстава потсети дека прочистувањето започнува одвнатре- со искреност и простување, кои се покажуваат како единствената вистинска форма на љубов.
Во рамки на „Гевгелија град на култура за 2025 година“, соработката помеѓу Домот на култура „Македонија“- Гевгелија и НУЦК „Марко Цепенков“- Прилеп покажа дека културата во Гевгелија не е само настан или програма, туку живо искуство што ги обликува емоциите и колективното чувство на граѓаните.













































