Гевгелиската публика, на 6 декември 2025 година, беше сведок на еден уникатен театарски настан- „Чудесна терапија“ од репертоарот на НУ Драмски театар- Скопје, која се одигра во Народниот театар- Гевгелија. Вечерта беше исполнета со искрени емоции, чувство за препознавање и смеа која на моменти не можеше да се задржи. Од самиот почеток, актерите го фатија вниманието на гледачите и не го пуштија до последниот аплауз, кој траеше толку долго што мораа да се поклонат повеќепати.
Претставата ја истражува темата за партнерските релации и важноста на искрената комуникација. Предраг Павловски како Валентин, Маја Вељковиќ- Пановска како Јоана и Соња Стамболиоска како терапевт ја покажаа нивната маестрална актерска игра, одразувајќи ги сите емоционални нијанси и предизвици на релациите, правејќи ги ликовите искрено човечки и типични за скоро секој брачен пар. Со ненаметлив хумор и убедливи емоционални сцени во театарската сеанса, тие прикажаа комплексни чувства- од ситни недоразбирања и кратки кавги до моменти на обид за разбирање, блискост и повторно поврзување. Комичното откритие на самиот крај дека и терапевтката се соочува со предизвици слични на оние на клиентот, додава иронија, потврдувајќи дека професионалноста не гарантира совршен личен (брачен) живот.
Реакцијата на гледачите кажа сè: долготрајни аплаузи, овации за актерите, насмевки и согласност со приказната на сцената. Настанот остави чувство на исполнетост, бидејќи претставата успеа да ги спои забавата, хуморот и сериозноста на темите за релации и комуникација. Гевгелија како„ Град на културата за 2025 година“ ја покажа вредноста на соработката со врвни театри, донесувајќи ја сцената на НУ Драмски театар- Скопје во градот. Благодарение на ова гостување, публиката доживеа вечер полна смеа, емоции и моменти за размислување, поттикнувајќи богат културен живот и незаборавни уметнички доживувања во Гевгелија.
Претставата „Чудесна терапија“ е по текст на Даниел Глатауер, во режија на Димче Николовски, со драматургија на Александра Бошковска, костимографија на Раде Василев, а музиката на Давид Матевски. Преводот е дело на Дориана Кокиноска- Ристевска. Техничката екипа ја сочинуваат инспициентот Жарко Намичев, суфлерот Даница Илиева, тон-мајсторот Чедомир Младеновски и светло-мајсторот Дејан Блажевски.












