Јулската програма за „Гевгелиско културно лето“ ќе биде исполнета со голем број интересни и разновидни содржини за гевгелиските љубители на културата. Во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија, следуваат:
– Koнцертот на Школата за гитара, под менторство на Костадин Динев, којшто ќе се одржи на 3 јули 2024 година, пред платото на Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:30 часот. Младите членови гитаристи ќе се претстават со подготвен репертоар на музички нумери, со којшто ќе ја одбележат нивната работа;
– На 9 јули, Изложба на мултимедијален проект на Емил Солевски „Генеза на хроничната мистерија“, во Ликовната галерија „Амам“- Гевгелија. Отворањето започнува во 20:30 часот;
– Завршна изложба на Ликовна колонија „Аполонија 2024 година“, којашто ќе биде поставена на 10 jули, на летната тераса на хотел „Аполонија“. Отворањето е од 20:30 часот. Ќе бидат изложени делата на 10 уметника од: Македонија, Грција, Србија и Турција, кои ќе творат во рамки на традиционалната 21. по ред Меѓународна ликовна колонија „Аполонија“;
– Музички перформанс на денс-групата „Дива“- Гевгелија (11 јули), под менторство на Марија Граматикова, на платото пред Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:30 часот. Членовите ќе се претстават со кореографии на музичка подлога од „Мозаик Колектив“ и преку приказната за девојката Утопија ќе ги одведат присутните со отворени очи во земјата на соништата, пренесувајќи им пораки да бидат храбри и да веруваат дека сè е возможно.
– Детска театарска претстава „Разгалениот принц“, во продукција на „Театар Хит“, а во режија на Сашо Ристовски. Играат: Mагдалена Ризова Черних, Сашо Ристовски и Бранко Атанасов. На 17 јули, пред платото на Народниот театар, со почеток во 20:30 часот, Се работи за претставата којашто ги обработува детските права, но и ги потсетува дечињата на обврските што треба да ги исполнат.
– Концерт на Ансамбл „Квинтето“, во состав на Владимир Лазаревски (обоа). Игор Бакревски (кларинет), Кристијан Кожумановски (бас-гитара), Благоја Антовски (тапани) и Марко Виденовиќ (клавијатура). На 22 јули, пред платото на Народниот театар- Гевгелија, гевгеличани ќе имаат можност да уживаат во изведбата на класична музика.