Општина Гевгелија ќе донира 1.500.000 денари од Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година за настраданите во пожарот во Кочани. Ваквата Одлука за финансиска помош едногласно ја донесе Советот на Општина Гевгелија на 60. вонредна седница, на предлог на градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов. На почетокот од седницата, членовите на Советот на Општина Гевгелија со едноминутно молчење оддадоа почит на загинатите во пожарот што се случи на 16 март, во дискотеката во Кочани.
– Tажен е поводот за одржувањето на оваа вонредна седница. Не постојат зборови со кои може да се изрази сочувство за згаснатите млади животи, не постојат зборови на утеха на нивните најблиски. Вечен покој и спомен на настраданите, а Бог да им даде сила на семејствата да го пребродат овој тежок момент- истакна претседателот на Советот на Општина Гевгелија, Ѓорѓе Попов.
Средствата од Буџетот на Општина Гевгелија за 2025 година, во висина од 1.500.000 денари за помош за настраданите во Кочани, ќе бидат преведени на отворената сметка на фондот за солидарност на Црвениот крст.


