Во Уметничката галерија „Амам“- Гевгелија, на 18 јуни 2025 година, беше отворена изложбата на уметнички дела од Анета Таневска, архитект инженер и конзерватор, насловена „Пресвета Богородица“. Изложбата понуди длабоко емотивно и визуелно доживување, инспирирано од ликот и симболиката на Богородица, како вечна духовна и културна референца во уметноста.
Преку композиции изработени во масло и акрил на платно, лесонит, дрво и картон, Таневска ги истражува различните слоеви на духовноста, преточувајќи ги во форми и текстури што повикуваат на внатрешна тишина и размислување. Мотивите на нејзините дела се движат од иконографски алузии до апстрактни симболички претстави. Настанот го отвори историчарот на уметност, кустос Александар Каракабаков, кој во својот осврт за изложбата ја истакна важноста на духовната потрага во уметноста и личната исповед како движечка сила зад секое од изложените дела.
– Пасијата кон недвижното културно наследство, вљубеноста кон црквите и нивното историско наследство и уметничко богатство, во синергија со длабочината на духовниот пат во внатрешноста на авторката и длабоките скриени чувства на душевната бесконечност, со оваа изложба го заокружува изворот на љубов кон духовното и спиритуалното, битен сегмент во личниот развој на еден човек- рече Каракабаков.
Во своето кратко излагање, авторката посочи дека оваа изложба е „уметничка посвета и љубов кон светоста“- чин на духовно поклонување на Мајката Божја преку боја, форма и симбол. Таа истакна дека делата настанале како потреба за внатрешно прочистување и повик за подлабоко себеспознавање, инспирирани од ликот на Богородица како вечен симбол на тишина, сочувство и надеж.
Атмосферата на отворањето беше збогатена со музички настап на дуото „Митеви“, а звуците на кавалот и дајрето внесоа дополнителна емоција во просторот на галеријата.
Изложбата е во организација на НУ Музеј- Гевгелија и е дел од програмата за манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“. Таа ќе биде отворена за посетители во наредните денови, нудејќи ретка можност за духовна и естетска рефлексија преку ликовниот израз.






















