На 12 декември 2025 година, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи Концерт на уникатниот камерен состав „30 прсти“, кој е дел од програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“. Триото го сочинуваат истакнатите македонски пијанисти Марија Вршкова, Весна Ангелова- Христов и Петар Макариевски. Настанот е во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија.
Настапот во Гевгелија ќе ги понуди следните дела: „Фантазија на виножитото“ од Манфред Шмиц, „Салса ритам“, „Мала рапсодија“ и „Пролетно расположение“ од Расим Рамазанов, „Haubrandts Lied“ од Арнолд Фриш, како и современата „Рапсодија на тема С. Рајх“ од Стив Рајх во аранжман на Дионисис Боуквалас.
Концертот во Гевгелија е ретка можност да се доживее камерна музика која комбинира виртуозност, креативност и радост од заедничкото музицирање, со што триото „30 прсти“ ја потврдува својата важност на македонската и меѓународната музичка сцена. Триото „30 прсти“ е првиот и единствен состав од ваков тип во Македонија, создаден во 2015 година по иницијатива на пијанистката Марија Вршкова. Првично, составот го чинеле Вршкова, Е. Атанасовска и С. Пројковска, а од 2022 година триото ја има најдобрата комбинација: Вршкова, Макариевски и Ангелова- Христов.
За само три години во овој состав, триото реализира тринаесет концерти, од кои 10 во Македонија и три во Австрија, Бугарија и Србија. Минатата година, за првпат во македонската пијанистичка историја, триото изведе дело за шестрачно пијано и камерен оркестар. Имаат посебна почит и љубов кон македонската музика, и нивниот репертоар вклучува дела специјално напишани и прилагодени за овој уникатен состав кој е предизвик и инспирација за македонските композитори.
Музикологот Тина Иванова, по Концертот на триото во репрезентативната камерна сала на Филхармонија во Скопје, напиша:
„Шест раце, триесет прсти, тројца уметници или три сплотени души во создавање на единствен уметнички чин, е вистинска инспирација и можност за размислување колку и како може да се користи инструментот создаден пред векови, и да му се даде нов здив, нова форма, нова визура, и со тоа една сосема поинаква звучност. Вршкова, Ангелова- Христов и Макариевски се трио фантастико во позитивна смисла на зборот, затоа што нудат таква посветеност и ведрина, таков ентузијазам и креативност, таков елан и возбуда, што навистина можете само да им се воодушевувате и на крајот да аплаудирате силно додека не ве здоболат рацете.“
За музичарите:
Марија Вршкова- дипломира со cum laude во класата на проф. Тодор Светиев и магистрира во иста класа; активен соло и камерен изведувач со афинитет кон нова музика; настапува на сите најважни подиуми во Македонија и странство; вонреден професор на ФМУ- Скопје.
Весна Ангелова- Христов- дипломира кај професорите Нина Среброва и Борис Романов, магистрирала кај проф. Рита Кинка; реализирала бројни соло и камерни концерти; долгогодишен надворешен пијано соработник во Македонска Филхармонија; професорка по пијано и камерна музика во ДМБУЦ „Илија Николовски- Луј“.
Петар Макариевски- дипломира на ФМУ- Скопје во класата на проф. Јасминка Чакар, магистрира во Софија кај еминентниот пијанист Антон Диков; активно настапува во повеќе камерни состави во Македонија и странство; уметнички соработник на ФДУ- Скопје.
Овие три засебни индивидуи и активни пијанисти на нашата меѓународната сцена, со изразено и почитувано пијанистичко минато, својот индивидуален пристап и уметничка мисла ги соединија во една идеја, еден звук, што зборува за нивната високо уметничка свест за камерното музицирање кое како уникатна и комплексна форма, е сè поретка вредност како кај нас така и во светот.





