Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 29 октомври, во Угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија, се одржа промоција на поетската збирка „Многугласие“, составена од песни на учениците од Училиштето.
Промоцијата ја отвори професорката по македонски јазик и литература, Жаклина Атанасова, која е уредник и лектор на збирката. Во своето обраќање, истакна дека проектот ја слави убавината и моќта на пишаниот збор, како и залагањето на наставниците мислите на учениците да бидат преточени во заедничко дело. Таа изрази искрена благодарност до своите колеги за нивната посветеност и поддршка, до директорот на Училиштето, Александар Делиџаков, како и до Општина Гевгелија за препознавањето и вклучувањето на оваа иницијатива во рамките на годинешната културна манифестација.
Збирката „Многугласие“ опфаќа 34 поетски творби од 16 ученика на различна преадолесценциска возраст, со различен, но автентичен поетски израз, создадени под менторство на професорите по македонски јазик и литература: Жаклина Атанасова, Даниела Џишева, Бисерка Макреска, Славица Маркова, Тања Чугунцалиева, Вања Манчева и Тони Аврамов, кој воедно даде и техничка поддршка на книжевната вечер.
Во рецензијата на збирката, уредникот Атанасова напиша:
– Во оваа малечка, но скапоцена за нас книшка, се најдоа дел од поетските творби на нашите ученици, кои произлезени од битието на нивните емоции, се распостилаат како меко ветување на заумните патишта во трагањето и пронаоѓањето. Како игра, како копнеж, како изживеан момент, како болка, како радост, како неизживеан миг, како очекување, како сон. Низ различни соочувања со себството се изградени нишки на идејна мрежест која, иако поединечно испеана, потсетува дека во вербата и уметноста се обединуваме како целост- недвосмислие на неподелена поетска преокупација. Ова нека биде мотивација и поттик за едно скалило погоре кон ваквата цел.
Пред бројната публика, која ја исполни салата до последното место, своето „лирско јас“ го претставија: Мила Тунџева, Боркица Ѓорѓиева, Данче Стоименовска, Емилија Ванчева, Валентина Стојанова, Илија Икономов, Марија Трифуновска, Костадин Узунов, Ана Кундурџиева, Ана Милевска (во интерпретација на Јован Грозданов), Софија Стојанова, Елена Анчева, Михаела Костадинова, Виолета Василева, Весна Папучиева и Ангела Ручкоманова.
Книжевната вечер беше збогатена со уметничка програма, во којашто настапија дуото на гитара Ѓорѓи Елбасановски и Стефан Лешев, изведувајќи уметнички стилизации на македонски народни теми од Ристо Аврамовски, како и Градското детско хорче под диригентската палка на професорот м-р Илија Атанасов, кое ја воодушеви публиката со изведбите на композициите „Елелица, пепелица“ (Ристо Аврамовски), „Што ми е мило“ (Daniel Hughes) и „You Raise Me Up“- Rolf Lovland. Посебен впечаток остави и Маријана Митровиќ, која ги покажа своите вокални способности со изведбата на песната „Oscar Winning Tears“ од Reya.
Промоцијата на „Многугласие“ беше повеќе од книжевен настан- таа беше празник на креативноста, инспирацијата и заемната поддршка меѓу учениците и нивните професори. Младите поети, охрабрени од своите ментори, покажаа дека во секој ученик постои свет исполнет со мисли и чувства што заслужуваат да бидат слушнати. Од друга страна, професорите ја демонстрираа силата на педагошката инспирација- дека вистинскиот наставник не само што подучува туку и создава услови креативноста да стане дел од секојдневието. Така, „Многугласие“ ќе остане вечен сведок на спојот меѓу младешката имагинација и зрелата посветеност на наставниците, кои заедно ја обликуваат современата слика на Гевгелија како град на културата.


































