На 6 септември 2025 година, Гевгелија како годинешен град на културата блесна со уличната уметност. Со почеток во 19:00 часот, Градскиот плоштад се претвори во сцена без граници, отворена за сите, под ведро небо, каде што уметноста и публиката дишат во ист ритам. Големото финале на јубилејното 15. издание на „Баскерфест карван“ беше не само кулминација на една богата фестивалска сезона туку и дел од програмата за „Гевгелија град на културата за 2025 година“, што го направи настанот уште посимболичен и значаен.
Пред бројна публика, каде што најмногубројни беа децата со своите родители, повеќе од дваесет интернационални уметници од четири континенти го оживеаја шеталиштето како сцена и ја претворија Гевгелија во вистинска престолнина на креативноста. Настапите беа разновидни, впечатливи и, пред сè, интерактивни- токму она што „Баскерфест“ го прави препознатлив и посебен. Децата со восхит ги следеа перформансите, ечеше од смеа и аплаузи, додека родителите ги овековечуваа моментите со мобилнителефони и уживаа во веселата атмосфера.
Публиката уживаше во огнениот спектакл на полската група Plucie Ogniem, кој донесе возбудлив почеток на вечерта. Од Чиле пристигна Hiram Meza со театарско-циркуски перформанс полн емоција и шарм, а Mr. Mostacho со своето уницикл-шоу „Equilibrium“ ја комбинираше акробацијата со хумор. Посебно внимание предизвика бразилскиот куклар EduBoneco со куклите Carolina и Maria Beijoqueira, додека канадскиот артист Sean Rooney воодушеви со шарена балон-уметност.
Македонскиот артист Кристијан Бенито внесе локален дух во програмата, а танцовата група The Beat Killers Academy од Албанија ја крена енергијата со урбани танци. Уметниците од Србија- живите статуи- ги маѓепсаа присутните со својата актерска прецизност. Целата вечерна атмосфера беше заокружена со музичкиот избор на DJ MartiAn, кој го одржа ритамот на фестивалот до самиот крај.
Како последнастаница од карванот, кој оваа година мина низ 13 општини во Македонија, Гевгелија ја доби честа да биде центар на едно вистинско културно финале, исполнето со смеење, улична магија и искрена радост. Настанот не само што ја заокружи летната културна сезона туку и остави силна порака за важноста на јавниот простор како сцена за креативност, слобода и споделено доживување.
Со ова завршно издание, „Баскерфест карван 2025“ уште еднаш потврди дека уличната уметност не познава граници- ниту просторни, ниту генерациски- и дека радоста, хуморот и уметноста имаат моќ да ги обединат луѓето на најубав можен начин.


















