На 16 декември 2025 година (вторник), во Уметничката галерија „Амам“ во Гевгелија, со почеток во 19:00 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Анита Алабау, насловена „Хроматско патување“. Изложбата се реализира во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија и соработка со НУ Музеј- Гевгелија, во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“.
Во рамките на изложбата „Хроматско патување“, уметницата ја претставува својата лична филозофија на сликањето, каде инспирацијата произлегува од природата, реалноста на светот и соништата, а емоциите се преведуваат преку интензивни и живописни колоритни решенија. Делата им оставаат простор на гледачите за слободна интерпретација и создавање сопствен наратив.
Апстракното творештво на Анита Алабау отвора прозорец кон паралелна, поетска реалност. Преку интуитивен и софистициран визуелен јазик, таа создава фантастичен екосистем во кој формата и бојата водат динамичен дијалог, а секој елемент, иако апстрахиран, задржува длабока поврзаност со природата. Нејзините дела силно евоцираат универзални сензации, емоции и сеќавања, спојувајќи се во визуелна симфонија што истовремено воодушевува и изненадува.
Родена во Македонија, Анита Алабау е самоука сликарка која живее и работи во Франција. Таа е член на повеќе значајни уметнички здруженија и институции, меѓу кои: Академското друштво „Уметност- Науки- Литература“ (добитничка на сребрен медал), Фондацијата „Тејлор“, Салонот на француските уметници, Здружението на уметници од Менилмонтан, Здружението на уметници од Версај, како и „Мега галерија“. Како професионален уметник, Алабау има реализирано бројни изложби во музеи, галерии и уметнички саеми во Франција и во странство.
Изложбата е отворена за јавноста и претставува значаен културен настан за градот и пошироката јавност.




