По повод Патрониот празник на ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, на 17 ноември 2025 година (понеделник) во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот, ќе се одржи свечена културно-уметничка програма под мотото „Образованието е светлина што ги открива боите на срцето“.
Годинешниот културен дел е целосно концепиран како инклузивна претстава „Боите на срцето“, изведена од учениците на Училиштето. Во претставата се вклучени ученици од различни одделенија и возрасни групи, со што се истакнува инклузијата како клучна вредност во образовниот процес. Преку драмски сцени, музички и визуелни сегменти, учениците, под менторство на нивните наставници, ќе го претстават своето творештво, труд и талент, пренесувајќи порака за заедништво, различност и почитување на индивидуалните способности.
Свечената програма има за цел да го истакне значењето на образованието и делото на патронот Владо Кантарџиев, како и да ја афирмира посветеноста на Училиштето кон развој на инклузивни практики и поттикнување на креативното изразување кај младите.
Настанот се реализира во рамки на годишната програма „Гевгелија град на културата за 2025 година“, со поддршка од Општина Гевгелија.




