Во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, а во организација на ЈОУ Библиотека „Гоце Делчев“- Гевгелија, на 19 мај 2025 година, ќе биде промовирана монографијата „Сергеј Михајлов- живот и дело“, чија авторка е Наташа Диденко. Промоцијата ќе се одржи во хотел „Аполонија“, со почеток во 12:00 часот. Промотори на монографијата се проф. д-р Билјана Ристовска- Јосифовска и акад. Драги Ѓоргиев. Настанот ќе биде збогатен со музички дел во изведба на авторката.
Сергеј Михајлов (роден на 31.08.1885 година во Харков – починал на 19.11.1975 година во Штип) е македонски педагог и композитор. Потекнувал од богато семејство и имал можност уште како дете да посетува трговско, но паралелно и музичко училиште. Музика учел во родниот град кај чешкиот композитор и пијанист Алојз Јиранек. Меѓутоа, кога останал без родителите, заминал на Кавказ, а потоа како војник преку Цариград дошол до Солун од каде се преселил во Гевгелија. Во Гевгелија, Михајлов живеел и работел како музички педагог во гевгелиското училиште, каде во 1924 г. ја напишал операта-бајка во четири чина „Принцезата Ружа“. Станува збор за првата македонска детска опера, која премиерно била изведена токму во Гевгелија.
Наредната година, кога во штипската гимназија останала без професор по музика, се барало од Министерството за образование Сергеј да биде префрлен во Штип и на 29 март 1925 година тој потпишал договор за работа во градското пеачко друштво и театарот. Заедно со Сергеј во Штип се доселиле и Никита Тимокрејевич Вереса, Јаков Петренко, Максим Макаренко, Васил Бабич и други и често се собирале во куќата на Вереса и пееле опери и разни други песни.
Годинава, се одбележуваат 100 години од изведба на првото музичко-сценско дело во Македонија. Станува збор за операта „Палјачи“ од италијанскиот композитор Руџеро Леонкавало во Македонија, која благодарение на Сергеј Михајлов премиерно била изведена на 29 август 1925 година, во Штип.
Инаку, Наташа Диденко е виш научен соработник/вонреден професор на Институтот за национална историја-Скопје. Нејзиното поле на истражување опфаќа теми од областа на културната историја и музикологија. Автор е на повеќе научни трудови, меѓу коишто и монографијата „Развојот и дејноста на музичките културно-уметнички организации и манифестации: Музички културно уметнички организации, т.1. (2019).

