Во рамки на програмата за „Гевгелија град на културата 2025“, на 21 октомври 2025 година, со почеток во 19:00 часот, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, ќе се одржи Концерт посветен на творештвото на проф. д-р Томе Манчев, истакнат македонски композитор и професор по композиција, роден во Гевгелија.
На концертот ќе бидат изведени избрани дела од неговиот богат творечки опус за камерни ансамбли и солисти, меѓу кои: „Санаториумска балада“ (1974/75), Соната „Ламентозо“ (1989), „Два става“ (1976), „ДД…“ (2002), „Монолог и дијалог“ (2002/03) и „Интрада и капричо“ (1998/99). Преку овие дела ќе бидат прикажани различните творечки фази на композиторот и ќе му се оддаде почит во неговиот роден град.
Концертот ќе го модерира проф. д-р Стефанија Лешкова-Зеленковска, музиколог, а ќе настапат: Ангела Андовска- сопран, Горан Начевски- баритон, Јана Каевска- флејта, Здравко Ангелов- кларинет, Марјан Милошевски- фагот, Мартин Димитров- виолина, Маја Михајловска- виолончело, Елена Атанасовска Ивановска и Ивона Базгалоска- пијано.
Проф. д-р Томе Манчев (Гевгелија, 1950 – Скопје, 2020) е значајна фигура на македонската современа музика. По дипломирањето и специјализацијата по композиција во Скопје и Прага, тој развива богата педагошка и научна кариера како професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Автор е на бројни дела за оркестар, камерни состави и солисти, добитник на повеќе државни награди и признанија, како и автор на студии и трудови во областа на музичката теорија и анализа.
Со овој концерт, Општина Гевгелија му оддава признание на еден од своите најзначајни уметници, чија музика и педагошка дејност оставија длабока трага во развојот на македонската современа музика.
Настанот е во организација на ЈОУ Дом на култура „Македонија“- Гевгелија во соработка со Сојузот на композиторите на Македонија- Скопје.
