На 23 мај 2025 година, во Народниот театар- Гевгелија, ќе се одржи Годишниот концерт на Балетскиот оддел при ООМУ „Васо Карајанов“- Гевгелија. Концертот ќе започне во 20:00 часот и ќе биде од посебно значење, бидејќи покрај традиционалното одбележување на крајот од учебната 2024 / 2025 година, ќе се чествува и значаен јубилеј- 30 години од формирањето на балетското образование во рамките на ова училиште. По тој повод, учениците од Балетскиот оддел, под менторство на наставничката Виолета Чокова, ќе се претстават со кореографии, преку коишто ќе го прикажат нивниот талент, дисциплина и уметнички раст.
Овој концерт во рамки на манифестацијата „Гевгелија град на култура за 2025 година“ претставува симболично поврзување на три децении истрајност, посветена работа и љубов кон балетот, и ќе биде можност да се оддаде почит на сите досегашни ученици и наставници кои оставиле трага во развојот на балетското образование.
Балетскиот оддел при ООМУ „Васо Карајанов“ во Гевгелија е формиран во 1995 година, како дел од стратегијата за збогатување на наставната понуда и развој на културниот живот во градот. Оваа одлука била резултат на потребата за воведување на балетското образование во рамките на Училиштето, коешто веќе нудел часови по пијано, виолина, кларинет и флејта.

