Во рамките на програмата „Гевгелија град на културата за 2025 година“, на 20 ноември, во свечената сала на хотел „Аполонија“- Гевгелија, се одржа импресивен јубилеен концерт по повод 25 години од формирањето на Здружението на граѓани „Музички моменти“. Настанот, кој привлече бројна публика, се одвиваше во атмосфера исполнета со уметнички сјај, возвишена музичка интерпретација и чувство на почит кон долгогодишната работа и посветеност на Здружението, кое изминатите две и пол децении остави длабока трага врз културниот развој на градот.
Промотор на вечерта беше Александар Трајковски, кој преку своето топло обраќање ги потсети присутните на значајните иницијативи, настани и проекти што „Музички моменти“ ги реализирале во изминатите 25 години. Тој нагласи дека Здружението преставува редок пример на континуитет, професионализам и искрена љубов кон музичката уметност, што во голема мера го збогатило музичкиот и културниот живот во Гевгелија. Се обратија и претседателот на ЗГ „Музички моменти“- Гевгелија, Ѓорги Улишев, и директорот на Фондацијата „Аполонија“- Гевгелија, кои ја истакнаа важноста на континуираното создавање, негување и поддржување на музичката уметност во градот.
Публиката имаше можност да ужива во богата програма изведена од еминентни македонски уметници. Концертот понуди разновидни музички жанрови- од современи камерни дела, преку класични композиции, до традиционални македонски интерпретации.
Програмата започна со изведбата на Емилија Филиповa Кабранова, која ја интерпретираше композицијата „Apricity“ од Ј. Андрееевска. Нејзината чувствителна и прецизна интерпретација веднаш ја пленеше публиката, која ја награди со бурни аплаузи и овации, создавајќи атмосфера на восхит. Потоа, следуваа настапите на флејтистот Страшо Темков и пијанистката Елена Атанасовска Ивановска, кои со деликатна хармонија и внимателно градено чувство за динамика ги изведоа „Мадригал“ од Ф. Гобер и „Орфејева песна“ од К. В. Глук, демонстрирајќи прецизна техника и музичка сензибилност.
Момчило Куфојанакис на виолина и Весна Ангелова Христов на пијано ја донесоа „Чакона“ од Т. Витали со техничка прецизност, емотивна длабочина и виртуозност, оставајќи силен впечаток кај присутните. Следеше настапот на Лазар Соколов на сопран-саксофон со Емилија Филиповa Кабрамова на пијано, кои ја изведоа композицијата „Memorialdes (tribilko)“ од Pedro Iturralde. Настапот носеше свеж и современ звучен колорит и полн со енергија и чувство за импровизација.
Горан Начевски- баритон, во придружба на Елена Атанасовска Ивановска на пијано, ги интерпретираше делата „Не пои красавице при мне“ од С. Рахманинов и аријата на Жермон, „Di Provenza il mar, il suol“, од операта „Травијата“ од Џ. Верди. Настапот пленеше со длабока емоционална изразност, прецизна вокална техника и музичка драматичност. Атанасовска Ивановска се претстави и солистички со композицијата „Одблесоци во вода“ од Клод Дебиси, внесувајќи деликатна светлина и магична звучност, кои ја фасцинираа публиката.
Концертот заврши со емоционална изведба на триото во состав: Горан Начевски (баритон), Страшо Темков (флаута) и Елена Атанасовска (пијано), кои ги изведоа македонските традиционални бисери „Болен ми лежи Миле Поп-Јорданов“ и „Јовано, Јованке“.
Со овој јубилеен концерт, Гевгелија уште еднаш го потврди својот континуиран развој како град што ја негува уметноста, создава простор за врвни културни настани и промоција на реномирани уметници, чија уметност ја доближува и до гевгелиската публика.
























